ПО СЛУЧАЈОТ ВО ДИМО ХАЏИ ДИМОВ Проширени контроли во уште девет училишта
Инспекторите контролираат кујни во девет училишта што се снабдуваат од ист оператор со храна.

Инспекциските тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денес спроведуваат вонредни контроли во кујните на девет основни училишта во Општина Карпош. Сите овие училишта се снабдуваат од ист оператор со храна, кој стопанисува и со централниот магацин лоциран во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, од каде што се обезбедуваат репроматеријалите за подготовка на оброците.
Во рамки на вонредниот надзор, во училиштата каде што нема деца со симптоми на труење со храна, се земаат примероци од подготвената храна и брисеви од работните површини за лабораториско испитување.
АХВ ги очекува резултатите од анализите на примероците од храна и брисевите земени при вчерашната вонредна инспекциска контрола, што беше спроведена заедно со инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје.
АХВ вчера соопшти дека поголема група од околу 40 ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае во Општина Каарпош се пожалиле на стомачни болки.

