ПО СИТЕ ТУЖБИ И ПРЕГЛАСУВАЊА – ДИК ги прогласи Локалните избори 2025 за официјално завршени

По истекот на сите законски рокови, изборниот процес за советници и градоначалници е целосно завршен.

ПО СИТЕ ТУЖБИ И ПРЕГЛАСУВАЊА – ДИК ги прогласи Локалните избори 2025 за официјално завршени
Фото: Национал

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 157-ма седница ги прогласи Локалните избори 2025 за официјално и конечно завршени.

Членовите на Комисијата го усвоија дополнувањето на заклучокот за конечност на резултатите од вториот изборен круг за градоначалници и Совет на Град Скопје, како и Заклучокот за завршување на локалните избори 2025 за сите општини и градоначалници.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека денес истекува рокот за објавување на конечните резултати и заклучокот за завршување на изборите. Тој нагласи дека ова следи откако Управниот суд ги одби сите поднесени тужби, со што ги потврди претходните одлуки на ДИК за одбивање на приговорите.

„Со објавувањето на конечните резултати од гласањето во првиот круг на 19 октомври и во вториот круг на 2 ноември 2025 година, за избор на членови на советите и градоначалници, согласно член 31 став 2 точка 22 од Изборниот законик, ДИК информира дека локалните избори 2025 се конечно и официјално завршени на 12 ноември 2025 година,“ изјави Кондарко.

На седницата беше усвоено и дополнувањето на заклучокот за конечност на резултатите од вториот круг на изборите за градоначалници, спроведен на 2 ноември, во општините каде што имаше повторно гласање.

По завршувањето на сите законски постапки и истекот на роковите за приговори и тужби, ДИК ги објави конечните резултати за градоначалници во општините каде што изборниот процес е целосно завршен: Јовица Илиевски (коалиција „Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ“) е избран за градоначалник на Општина Брвеница, Сотир Лукровски (коалиција „Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ“) за Општина Карпош и Курто Дудуш (Унија на Роми) за Општина Шуто Оризари.

ДИК исто така ги објави конечните резултати од прегласувањето на избирачките места 2961, 2962 и 2966 за Советот на Општина Шуто Оризари, спроведено на 2 ноември.

Според конечните податоци: Национална алијанза за интеграција (НАИ) – 4 мандати, Коалиција ВЛЕН – 4 мандати, Коалиција Твоја Македонија – ВМРО-ДПМНЕ – 4 мандати, Сојуз на Роми – 1 мандат, Унија на Роми – 5 мандати, Демократски сили на Ромите – 1 мандат.

Со ова, Државната изборна комисија официјално потврди дека локалните избори 2025 се завршени во целост.

CATEGORIES
TAGS
Share This