ПО ПОВЕЌЕ ОД ДВЕ ГОДИНИ ОТКРИЕНА ВИСТИНАТА ЗА УБИСТВОТО НА АЦО ТРПОВСКИ Уапсени сопружници
Обвинителството тврди дека 65-годишен маж го извршил нападот, а неговата сопруга му помогнала да ги прикрие трагите.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица осомничени за убиството на матичниот лекар Ацо Трповски, кој во март 2024 година беше пронајден мртов во кругот на Поликлиниката „Железара“.
Министерството за внатрешни работи, по преземени мерки и активности и по повеќе наредби издадени од јавен обвинител, обезбедило докази кои упатуваат на основано сомнение дека 65-годишен скопјанец го извршил кривичното дело „убиство“, додека неговата 59-годишна сопруга е осомничена дека му помогнала во прикривањето на трагите.
Според истрагата, кобниот настан се случил на 21 март 2024 година на паркинг во скопската населба Автокоманда. Осомничената жена претходно договорила средба со Трповски и влегла во неговиот автомобил. Кратко потоа пристигнал нејзиниот сопруг, кој ја отворил вратата од возилото, го извлекол лекарот и започнал расправија со него.
Според Обвинителството, во еден момент осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани во пределот на градите и телото, од кои Трповски починал.
По убиството, сопружниците, според обвинителните наводи, заедно го ставиле телото во автомобилот. Мажот потоа го одвел возилото до паркингот кај Поликлиниката „Железара“, каде телото било префрлено на возачкото седиште. Жената, пак, се сомничи дека ги избришала трагите од автомобилот, по што двајцата го напуштиле местото.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Ацо Трповски беше пронајден мртов во март 2024 година, откако неговите синови пријавиле дека не се вратил дома по завршувањето на работниот ден. Лекарска екипа од Итната медицинска помош тогаш констатирала смрт, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.
Со преземените истражни дејствија, МВР и Обвинителството сега го расчистуваат случајот и поднеле кривична пријава против осомничените.


