ПО ДВЕ ГОДИНИ ВО НАТО – Шведска повторно размислува за еврото
Прашањето нема да се отвори официјално пред парламентарните избори во септември

По речиси две години од влезот во НАТО, Шведска започнува сериозна дебата за можноста да го воведе еврото како официјална валута. Шведската министерка за финансии, Елизабет Свантесон, најави дека владејачката коалиција ќе подготви детална анализа за предностите и ризиците од ваквиот потег.
„Потребна е опсежна анализа, која ќе ги опфати и економските аспекти, но и безбедносната состојба“, рече Свантесон во парламентот.
Таа појасни дека прашањето нема да биде официјално отворено пред парламентарните избори закажани за септември.
Иницијативата е поддржана од десничарската коалиција, вклучувајќи ја Партијата на центарот и Либералите, додека левичарската опозиција, предводена од Социјалдемократската партија, остро се противи на промена на валутата.
Историски, Швеѓаните веќе еднаш го одбија еврото на референдумот во 2003 година, кога 55% од гласачите се изјаснија против. Иако земјата има законска обврска кон ЕУ да го воведе еврото, досега не го започнала процесот за исполнување на критериумите преку механизмот ERM II.
Покрај Шведска, еврото во рамките на ЕУ не го користат уште и Унгарија, Полска, Романија, Чешка и Данска, која е единствената со трајно изземање од оваа обврска.

