ПЕТРЕ АРСОВСКИ СО ГОЛЕМО ПРИЗНАНИЕ Голема ѕвезда на македонскиот филм
По повеќе од пет децении на филмската сцена, актерот добива признание за својот придонес кон македонската кинематографија.

Актерот Петре Арсовски е годинашен добитник на престижната награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Признанието ќе му биде врачено на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, на 19 септември во Битола.
Арсовски својата филмска кариера ја започнал во 1971 година со „Македонскиот дел од пеколот“ во режија на Ватрослав Мимица. Во текот на богатата кариера следувале улоги во „Истрел“ на Бранко Гапо, „Јад“ на Кирил Ценевски, „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо, „Пресуда“ на Трајче Попов и „Време, води“ на Бранко Гапо.
Неговото актерско портфолио подоцна се збогатило со настапи во голем број значајни македонски филмови, меѓу кои „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Џипси меџик“, „Збогум на 20-тиот век“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Караула“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Златна петорка“ и „Лена и Владимир“.
Покрај македонската кинематографија, Арсовски има остварено улоги и во бројни филмски продукции од регионот и пошироко, оставајќи свој печат врз повеќе генерации гледачи.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ДФРМ ја востанови во 2013 година. Меѓу досегашните добитници се Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери, „Вардар филм“, Милица Стојанова, Љупчо Константинов, Столе Попов, Северџан Бајрам, Горјан Тозија-Медо, Лабина Митевска, Димитар Грбевски и Кирил Џајковски.

