ПЕТИЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА – Ограничување на социјалните мрежи до 12 години
Загрижени родители и стручни лица бараат законски промени за дигитална безбедност на децата.

Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ започна петиција за воведување забрана за користење на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.
„Како родители, наставници и стручни лица, сакаме да поттикнеме законски измени и системска регулација што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на децата“, велат од иницијативата.
Тие предупредуваат дека штетата е веќе видлива: нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и искривена перцепција за вредности и успех.
Други земји, како Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска и Словенија, веќе воведоа забрана за употреба на социјални мрежи за деца или строга регулација за малолетници. Обединетите нации и Европскиот парламент препорачуваат подигање на минималната возраст за слободен пристап до 16 години.
Петицијата предлага забрана за користење на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација за деца до 16 години преку верификација или ограничување на пристап, обврска за родителска согласност за регистрација и користење на социјални медиуми, ограничување на алгоритамско препорачување на содржини за профили идентификувани како детски, засилена заштита на детските податоци со национални стандарди и безбедносни мерки, јасни санкции и механизми за брзо отстранување на штетна содржина и национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.


