ПЕЦОВ – ЃАВОЛОТ ВО КУЌЕН ПРИТВОР Доброволно се пријавил и доставил медицинска документација
Наместо притвор, обвинетиот ќе ја издржува мерката во домашни услови под постојан полициски надзор.

Основниот кривичен суд Скопје информираше дека вчера пред судија на претходна постапка бил спроведен Љупчо Пецов – Ѓаволот, за кого претходно била изречена мерка притвор што требало да стапи во сила од моментот на неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода, во предметот во јавноста познат како „Синџир“.
Од Судот соопштуваат дека, имајќи предвид дека обвинетиот доброволно им се пријавил на органите на прогонот, како и доставената медицинска документација од страна на одбраната, според која Пецов има сериозно влошена здравствена состојба, надлежниот јавен обвинител оценил дека негово сместување во притворското одделение не би можело да ја гарантира неговата лична безбедност.
Поради наведените здравствени и безбедносни околности, јавниот обвинител на записник пред Судот предложил наместо мерка притвор, на обвинетиот да му биде определен куќен притвор, дополнет со 24-часовен надзор од страна на Министерството за внатрешни работи, со цел да се обезбеди негово присуство во понатамошниот тек на кривичната постапка.
Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот на Јавното обвинителство и донел решение со кое на Љ.П. му е определена мерка куќен притвор со задолжителен постојан полициски надзор. Воедно, на обвинетиот му се одземени двете патни исправи што ги поседувал.
Против ова решение, како што наведуваат од Основниот кривичен суд Скопје, дозволено е право на жалба до Кривичниот совет.
Да потсетиме, истрагата во предметот насловен како „Синџир“, отворена е кон крајот на 2023 година а која обвинителството ја опишува како типичен пример на организиран финансиски криминал. Според обвинителните акти, 26 физички лица и 28 компании изградиле сложена шема за даночно затајување преку издавање фиктивни ДДВ-фактури за набавки и услуги што реално не биле извршени. На тој начин, државниот буџет бил оштетен за околу осум милиони евра.
Меѓу осомничените како еден од организаторите е и Љупчо Пецов – Ѓаволот. Неговата компанија „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ, според обвинителството, имала централна улога во генерирањето лажни фактури со кои поврзани фирми вештачки го намалувале својот даночен долг.
Дел од обвинетите во предметот „Синџир“ веќе склучија спогодби со Обвинителството и добија затворски и парични казни. Постапката против Пецов, пак, беше ставена во мирување бидејќи тој со месеци беше недостапен за органите на прогонот, поради што за него беше распишана потерница. Во истиот период, одредени медиуми објавуваа дека Пецов слободно се движи низ земјата, додека фирми поврзани со него продолжуваат да добиваат државни тендери што отвори сериозни прашања за функционирањето на системот на јавни набавки и институционалната контрола.
Ова не е прв судир на Пецов со правосудството. Неговото име се поврзува и со акцијата „Керозин“, во која обвинителството тврдеше дека преку фирмите „Алма“, „Ангел Петрол“ и „Алма транспорт“ било испорачувано помало количество нафта за греење од договореното во јавните набавки за училишта и државни институции. Штетата тогаш беше проценета на речиси три милиони евра, а во тој судски процес беа изречени затворски казни за повеќе сопственици, меѓу кои и за Пецов.
Нафтениот бизнис на Пецов повторно е под лупа и во најновата истрага поврзана со компанијата „Тритерол“. Според информациите, Финансиската полиција открила 19 фалсификувани банкарски гаранции кои фирмата ги користела за да учествува и да добива тендери во 12 јавни и државни институции, остварувајќи незаконска добивка од околу еден милион евра. „Тритерол“ е во сопственост на Пецов, а сомнежите се појавуваат во период кога тој веќе е осомничен во „Синџир“ и формално се води како бегалец од правдата.
Серијата случаи доби дополнителна тежина со аферата за наводен поткуп на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Според обвинителството, Стафа, кој во меѓувреме станал адвокат на Пецов е осомничен дека примил 50.000 евра од сестрата на Пецов со цел да влијае врз судија во Апелациониот суд Скопје и да обезбеди укинување на притворот во предметот „Синџир“. Апелациониот суд, сепак, соопшти дека жалбата за укинување на притворот била одбиена уште на 2 декември, пред апсењето на Стафа, со што се огради од какво било влијание врз донесената одлука.
Иако во јавноста често се опишува како бизнисмен со „богато полициско и судско досие“, против Пецов во моментов формално се водат постапки за даночни и финансиски злоупотреби. За јавноста, тој останува симбол на испреплетеноста меѓу крупниот бизнис, јавните набавки и селективната примена на законите особено поради повторувањето на истите имиња во случаи како „Керозин“ и „Синџир“.
Со определувањето мерка куќен притвор и 24-часовен надзор, Љупчо Пецов – Ѓаволот за првпат по подолг период формално се наоѓа под целосна контрола на правосудниот систем. Исходот од судската постапка во „Синџир“ и истрагите за тендерите и фалсификуваните банкарски гаранции ќе бидат клучен тест не само за него, туку и за институциите, дали случаите ќе завршат со правосилни пресуди или ќе ја продлабочат перцепцијата за неказнивост.


