Проектот за реконструкција на патниот правец во охридскиот регион е започнат од СДСМ уште во август 2023 година, како дел од сеопфатниот план на Владата предводеа од СДСМ за раст и развој на регионот, унапредување на туризмот и подобрување на патната инфраструктура кон граничните премини со соседните земји. Средствата за овој проект, во вредност од 11,7 милиони евра, беа обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта и истиот беше планиран, одобрен и започнат од претходната влада на СДСМ со реализација од околу 50%. До летната сезона во 2024 година комплетно се заврши реконструкцијата на патот од Св. Наум до пред селото Пештани и заради туристичката сезона имаше мал прекин на работите. Го поздравуваме довршувањето на проектот, но до кога власта ќе се кити со проекти на СДСМ -се вели во соопштението на СДСМ?
Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ се вели: СДС мора да почне да се однесува како сериозна партија, а не како мало дете на кое му ја земале играчката. СДС мора да прифати дека проектите кои се реализираат, не се во нивна или наша сопственост, туку за граѓаните и за државата. Исто така, многу е важно да се напомене дека проектите кои се почнуваат мораат и да се завршат. Е сега, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС е во тоа што ние кога работиме и остваруваме, се е во временски рок, јавно и транспарентно, а додека пак СДС, ако отпочне некаков проект, тој проект потоа е корумпиран, со тендери договорени во 4 очи, поскапи цени двојно од набавните, класифицирани договори или пак, проекти кои остануваат така да блеат во празно, и никој за ништо да не одговара.
Проекти кои СДС ги има до крај завршено се, проектот за златната виза на Филипче, пари од ископ на јаглен на фирми на Филипче и Заев, проектите за уништување на Македонија, како што беа името, знамето, идентитетот и Уставот, потпишувањето на Преспанскиот и договорот со Бугарија, проектот Француски предлог и многу други проекти слични на овие. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ вистински работи на реализација на проектите, без разлика која Влада ги започнала и ги решава на брз и ефективен начин во интерес на граѓаните.



