ПАРИЧНАТА МАСА СО БЛАГ ПАД ВО ФЕВРУАРИ – Кредитите продолжуваат да растат

Падот е резултат на намалени краткорочни депозити, додека готовината и долгорочните заштеди растат

ПАРИЧНАТА МАСА СО БЛАГ ПАД ВО ФЕВРУАРИ – Кредитите продолжуваат да растат
Фото: Принтскрин

Во февруари 2026 година, паричната маса во Северна Македонија забележа благ месечен пад од 0,1%, што главно се должи на намалувањето на депозитните пари и краткорочните депозити. Истовремено, готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години продолжија да растат. На годишно ниво, паричната маса порасна за 10,4%, при што најголем придонес имаа депозитните пари, краткорочните депозити и готовината во оптек.

Кај корпоративниот сектор, депозитите во февруари се намалија за 1,7% на месечно ниво, пред сè поради падот кај краткорочните депозити во денари. Во исто време, долгорочните депозити и краткорочните депозити во странска валута забележаа раст. На годишно ниво, депозитите на компаниите се зголемени за 9,0%. Кредитите на корпоративниот сектор бележат благо месечно намалување од 0,2%, како резултат на падот на кредитите во странска валута, додека на годишно ниво имаат значителен раст од 14,3%, поттикнат од зголеменото кредитирање во денари.

Кај домаќинствата, депозитите пораснаа за 0,8% во февруари на месечно ниво, со најголем придонес од депозитните пари и долгорочните депозити во денари. Годишниот раст на депозитите изнесува 11,4%. Кредитите на домаќинствата исто така се зголемија, за 0,7% месечно и 11,3% годишно, главно како резултат на зголеменото кредитирање во денари.

Во рамки на кредитите за домаќинствата, потрошувачките кредити пораснаа за 0,8% месечно и 10,6% годишно. Станбените кредити забележаа раст од 1,1% на месечно ниво и 16,1% на годишно ниво, додека автомобилските кредити се зголемија за 1,5% месечно и 3,0% годишно. Од друга страна, кредитите преку картички се намалија за 1,6% месечно и 5,1% годишно.

Негативните салда на тековните сметки во февруари се намалија за 0,8% на месечно ниво, додека на годишна основа бележат благ раст од 0,8%. Воедно, другите кредити се намалени за 0,7% на месечно ниво и за 11,2% на годишно ниво.

CATEGORIES
Share This