ПАД ОД НЕБОТО Девојка загина додека снимала реклама за туристи
На социјалните мрежи, каде Т.Р. активно објавуваше фотографии од црногорското крајбрежје во деновите пред несреќата, нејзините пријатели и следбеници оставија емотивни пораки и последни поздрави.

Деветнаесетгодишната Т.Р. од Нови Сад трагично го загуби животот вчера во Будва при падобранско летање, во рамки на снимање на промотивна реклама за туристичка агенција, потврди сопственикот на агенцијата Мирко Крџиќ.
Според неговите зборови, тинејџерката учествувала во снимање на комерцијален видео-материјал што требало да ја промовира оваа активност пред туристите за претстојната летна сезона. Несреќата се случила кога падобранот, од засега непознати причини, се одвоил од кабелот, по што девојката паднала од височина од околу 50 метри во морето. И покрај обидите за реанимација, таа починала.
„Ова е голема трагедија за сите нас. Таа го помина потребниот тренинг и не покажуваше страв од височина. Сè уште не можам да поверувам што се случи – изјави Крџиќ за медиумите, додавајќи дека тој, како сопственик на агенцијата, моментално е под истрага и не смее да даде дополнителни изјави.
Тој нагласува дека постапките за безбедност биле испочитувани и дека девојката не покажувала знаци на паника или страв.
„Не беше пијана, сè помина според протоколите. Сè уште не е јасно што точно доведе до трагедијата“, додаде тој.
Инцидентот бил снимен, но снимката во моментот се наоѓа кај полицијата и не е јавно достапна. Се очекува резултатите од истрагата да расветлат дали станува збор за технички пропуст, човечка грешка или несреќен случај.
На социјалните мрежи, каде Т.Р. активно објавуваше фотографии од црногорското крајбрежје во деновите пред несреќата, нејзините пријатели и следбеници оставија емотивни пораки и последни поздрави. Пред нејзината зграда во Нови Сад, блиски пријателки во солзи се простуваа од девојката, чиј живот заврши прерано и трагично.


