ЈОВАНОВ ДОБИ ПОВИСОКА КАЗНА – Апелација ја измени првостепената пресуда
Основниот кривичен суд му изрече 12 години затвор, а апелацијата ја зголеми казната на 13 години.

Апелациониот суд Скопје донесе одлука да ја зголеми првостепената казна за Васил Јованов од 12 на 13 години затвор. Јованов беше осуден за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Несреќата се случи во јануари годинава, кога Јованов, управувајќи возило со брзина од 91 км/ч, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, помина на црвено светло на пешачки премин и удри во Фросина Кулакова. Таа почина на лице место.
„Апелациониот суд, постапувајќи по кривичното дело КЖ-696/25, на јавна седница одржана на 6 октомври 2025 година, а по советување и гласање на нејавен дел од седницата на 27 октомври 2025 година, ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот В.Ј. Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје беше изменета во делот на казната, па Јованов е осуден на 13 години затвор за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Во останатиот дел, првостепената пресуда се потврдува“ – информираат од Апелациониот суд Скопје.
Потсетуваме дека Основниот кривичен суд Скопје во мај годинава го прогласи Јованов виновен за сообраќајната несреќа на булевар „Партизански одреди“ во Скопје, при што загина 22-годишната Кулакова. Судот му изрече казна затвор од 12 години, забрана за управување со возило од пет години и парична казна. Признанието на вина и каењето беа сметани за олеснителни околности, а отежнителни беа: возење без дозвола, под дејство на алкохол, преминување на црвено и претходна осуда за недозволена трговија со дрога.
Според обвинението, на 29 јануари Јованов управувал со возило со брзина од 91 км/ч, без дозвола и под дејство на алкохол, поминувајќи на црвено светло на пешачки премин, при што удрил во Кулакова која поминувала на зелено светло. За ова кривично дело е предвидена казна до 20 години затвор.
Во меѓувреме, Основниот кривичен суд Скопје го суди и таткото на Васил Јованов, Зоран Јованов, за кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“. Тој, во периодот од ноември 2022 до јануари 2025, му дозволувал на својот син да управува автомобил без возачка дозвола, иако знаел за неговите повеќекратни прекршоци, што според обвинителството придонело за трагичната несреќа.


