ОВА Е САМО КРАЈОТ НА СВЕТОТ – Премиера на Драмски театар по повод 80-годишнината
Современа семејна психолошка драма со театарски и филмски елементи

Директорот Роберт Вељановски, режисерката Теа Беговска и актерската екипа денеска на прес-конференција ја најавија премиерата на претставата „Ова е само крајот на светот“, која ќе се одигра на 7 март во 20 часот во Драмски театар Скопје.
Режисерката Теа Беговска се заблагодари за можноста да ја постави оваа претстава како прва продукција на театарот во година кога Драмски слави 80 години постоење. Таа истакна дека станува збор за семејна психолошка драма од францускиот автор Жан-Лик Лагарс, напишана во 1995 година, која за прв пат ќе се изведува на сцената на Драмски.
Актерската екипа ја сочинуваат: Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ.
Преводот и адаптацијата на текстот ги направи Теа Беговска, а визуелниот и сценскиот дел од претставата го креираше сценографката и костимографка Надја Василева-Ковачовска, гостинка од Бугарија. Музиката е на Енес Беговски, додека мултимедијалниот материјал го подготвија: оператор Велимир Стојановски, видеооператор Матеј Трајковски и технички координатор Михаил Узунов. Инспициент е Гоце Бојчев, а суфлерка Жаклина Цветковска.
Претставата ги комбинира театарските и филмските елементи, а публиката делумно ќе ја следи и преку видео проекции. Ова е современа, длабоко емотивна драма во која членовите на семејството се физички блиски, но секој живее во својата лична вселена.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, која го игра ликот на мајката, вели:
„Претставата е еден емоционален ролеркостер во кој гледачите за 90 минути ќе ја почувствуваат илузијата на едно семејство и ќе видат како преку премолчување семејството одложува споделување на вистината.“
Во режисерската белешка, Теа Беговска пишува:
„Гледам фотографија на дете, на која образите ќе му пукнат од смеење. Но позади таа насмевка се крие една ВИСТИНА. Татко ми ме фотографирал, мајка ми ме дотерала… и ништо не е случајно. Тоа дете сме биле сите ние некогаш. Вистината за него е само насмевката.
Во многу семејства вистината не се крие, туку се одложува за „погоден момент“ — за „кога ќе бидеме поспремни“, за „утре“, за „понеделник“. Одложувањето не е лага, туку страв. Страв дека кога вистината ќе се изговори, ништо нема да остане исто. Можеби токму затоа најгласно се смееме кога најмногу молчиме. Разговорите кружат околу вистината, без никогаш да дојдат до неа. И тоа е тоа. Ова е САМО крајот на светот. САМО крајот на сите комуникации со најблиските. САМО тоа. Ништо повеќе.“
Првата реприза е закажана за 12 март, а следната редовна изведба ќе се одржи на 21 март.


