ОТКРИЕНИ НАД 1 ТОН НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА – Казни од над 20.000 евра за оператори
Во 373 инспекциски контроли, Агенција за храна и ветеринарство открила 14 нерегистрирани оператори и изрекла 44 парични казни.

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) неделава уништија 1.010 килограми небезбедна т.н. „здрава храна“ по спроведени 373 контроли кај објекти за производство и промет со ваков тип производи, соопшти Агенцијата.
При контролите било утврдено дека 14 оператори воопшто не биле регистрирани како оператори со храна. За констатираните неправилности издадени се 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра во денарска противвредност.
Кај девет оператори биле затекнати незадоволителни хигиенски и технички услови, кај седум била пронајдена храна со истечен рок на употреба, а кај двајца, производи со непознато потекло. Дополнително, храната кај 18 оператори била несоодветно означена, додека кај 23 вработените немале извршено задолжителен здравствен преглед.
Исто така, кај двајца оператори не биле воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса или не се воделе соодветни записи, а кај уште двајца не била спроведена задолжителната дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, информираат од АХВ.


