ОТКАЗ ПО ДВЕ ЛОШИ ОЦЕНКИ Собранието ги менува правилата, СДСМ алармира за политички притисок

Законските измени предвидуваат престанок на работниот однос по две последователни оценки „не задоволува“, а Спасовски тврди дека новите механизми можат да се злоупотребат за пресметка со администрацијата.

ОТКАЗ ПО ДВЕ ЛОШИ ОЦЕНКИ Собранието ги менува правилата, СДСМ алармира за политички притисок
Фото: Принтскрин

Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за административни службеници, како и измените на Законот за административни службеници, двата по скратена постапка. Според образложението на предлагачите, целта е да се обезбеди појасна и поефикасна примена на прописите, како и да се уреди статусот на службениците во собраниската служба и регулаторните тела.

Со законските измени се укинува можноста за унапредување на административните службеници без објавување интерен оглас, со што треба да се обезбедат еднаков пристап и доследна примена на мерит-системот.

Се воведува и јасна правна последица за службениците кои две години последователно ќе добијат оценка „1 – не задоволува“ престанок на работниот однос по сила на закон. Предвидено е и поекономично спроведување на постапките, без неоправдано одолговлекување, при задржување на правото на жалба.

Но, законските измени предизвикаа реакции кај опозициската СДСМ, чии пратеници не гласаа за нив. Од партијата оценуваат дека зад најавите за независност на собраниската служба се кријат механизми што можат да се користат за притисок врз вработените.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека со законските измени се исправуваат пропусти што не биле решени во претходниот период. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека постојат добри и лоши законски решенија, оценувајќи дека со актуелните измени се коригираат грешки што требало да бидат отстранети уште во 2019 година.

„Една работа да пофалевте, да речете добро е се исправи една работа“, рече Мицевски, додавајќи дека СДСМ, додека била на власт од 2019 до 2024 година, не ги исправила спорните решенија.

Со усвојувањето на законите, Собранието ги менува правилата за статусот, унапредувањето и оценувањето на административните службеници. Додека владејачкото мнозинство ги претставува измените како чекор кон поефикасна и поодговорна администрација, СДСМ предупредува дека новите механизми можат да станат средство за политички притисок врз вработените.

CATEGORIES
Share This