ОСУМ СУДСКИ ПРЕСУДИ, ЕДНА ИНСТИТУЦИЈА ПОД ПРИТИСОК – Што се случува во Театар Гостивар
Вработените се соочуваат со страв и притисок по донесувањето на осум правосилни судски пресуди.

Синдикатот на културата (СКРМ) преку објава на социјалните мрежи алармира дека вработените во Театар Гостивар се изложени на сериозен притисок и страв по донесувањето на осум правосилни судски пресуди што се однесуваат на нивните финансиски права. Според СКРМ, лицата кои вршат притисок се одговорни за последиците, а непочитувањето на судските одлуки може да претставува кривично дело.
„Денес СКРМ доби загрижувачки информации за состојбата во Театар Гостивар по донесувањето на осум правосилни судски пресуди. Вработените се изложени на силни притисоци и им се наметнува чувство на вина, како да се тие одговорни за финансиските обврски што произлегуваат од судските постапки. Дополнително, им се заканува дека поради нив театарот може да биде затворен и тие да останат без работа“.
Исто така, на вработените не им се доставува програмата за работа, со образложение дека средствата од програмата ќе се користат за покривање на судските трошоци.
СКРМ веќе цела година укажува на можните последици доколку Министерството за култура не ги признае грешките во пресметката на платите во културата. Сите негативни последици што произлегуваат од оваа состојба се директен резултат на незаконски упатства и неодговорен однос.
Вработените во културата само го остваруваат своето Уставно право преку судски постапки за да добијат она што им следува, а им било ускратено со незаконски акти и упатства. Одговорност за последиците мора да сноси оној што ги донел тие одлуки.
Доколку притисокот врз вработените продолжи, СКРМ ќе преземе сите законски мерки за нивна заштита. Лицето кое врши притисок ќе биде јавно посочено и против него ќе бидат покренати соодветни постапки.
На крај, упатуваме јасна порака до в.д. директорот на Театар Гостивар дека правосилните судски пресуди мора да се почитуваат и спроведуваат. Платите на вработените треба да се пресметуваат согласно законот и колективните договори, во целост како што е утврдено во судските одлуки. Непочитувањето на судска пресуда претставува кривично дело, велат од СКРМ.


