ЌОРСОКАК БЕЗ ИЗЛЕЗ – Асистентот на Обрадовиќ откри зошто мораше да си замине од Партизан
Асистентот на Жељко Обрадовиќ откри дека заминувањето било најавено уште еден месец порано, а атмосферата во тимот станала неподнослива

Неодамнешниот асистент на Жељко Обрадовиќ во Партизан, Јосеп Марија Изквиердо, откри дека трофејниот српски стратег уште еден месец пред заминувањето од Белград ги предупредил своите соработници дека може да си замине доколку состојбата во клубот не се подобри.
Бидејќи очекуваниот пресврт не се случил, Обрадовиќ поднесе оставка од функцијата шеф на стручниот штаб по серијата слаби резултати, а Изквиердо во интервју за шпанскиот подкаст „3Cat“ откри досега непознати детали за драматичниот период во црно-белиот табор.
„Ова не е она што го посакувавме, но се обидувам да најдам нешто позитивно и во лошото. Тринаесет години бев далеку од дома, ако го исклучиме периодот на пандемијата. Сега конечно имам време да бидам со семејството“, изјави Изквиердо.
Според него, ситуацијата во Партизан достигнала точка од која немало враќање.
„Тоа беше ќорсокак. Единствениот начин да се запре страдањето. Еден месец пред оставката, Жељко ми рече дека ако работите не се подобрат, ќе мораме да си заминеме. Тој сакаше новиот тренер да добие време за подготовка за време на ФИБА-прозорецот, поради што ја поднесе оставката токму тогаш.“
Изквиердо нагласи дека ваквото сценарио било разгледувано многу порано, а проблемите биле подлабоки од резултатите.
Новите генерации имаат поинакви вредности, етички и морални принципи, како и однос кон работата. Стануваше невозможно да се преговара. Опциите беа или масовно отпуштање играчи што Жељко не го сакаше бидејќи не сакаше да му нанесе финансиска штета на клубот или ние да си заминеме. Тој веруваше дека некој со повеќе енергија може да се обиде да ја сврти ситуацијата.“
Тој посочи дека дел од играчите не верувале целосно во методите на Обрадовиќ.
„Проблемот не беше националноста, туку тоа што некои играчи не знаеја што значи Партизан, Жељко Обрадовиќ, Евролигата, Европа, Србија или Белград. Имаше група кошаркари на кои не им одговараше неговиот начин на работа и тоа јасно го покажуваа.“ – вели тој.
Пресвртот, како што вели Изквиердо, дошол по поразот од Панатинаикос.
„По тој натпревар ни кажа дека е крај. Нè замоли да останеме бидејќи имавме договори. Му реков дека ако си замине, тие ќе победат. Му предложив да го отстрани секој што му пречи и да продолжи, но тој не сакаше. Со текот на времето, станав сигурен дека заминувањето е единственото решени“ – вели Изквиердо.
Особено емотивно зборуваше за значењето што Партизан го има во животот на Обрадовиќ.
„Партизан е неговиот живот. Се врати во Белград по 30 години во странство. Тоа е клубот во кој се изгради како човек и играч, заедно со Борац од Чачак. Сè ова го доживуваше со огромна вознемиреност. Ситуацијата сериозно му влијаеше на здравјето, секој ден му беше сè потешко. Ми кажа дека страда и заклучи дека ниту тој, ниту неговото семејство, ниту луѓето околу него го заслужуваат тоа“ – вели тој.
Кога станува збор за продолжувањето на тренерската кариера, Изквиердо истакна дека Обрадовиќ моментално не размислува за враќање.
„Сега мисли само на одмор и семејство. Му велам дека не заслужува ваков крај и дека треба да ја освои својата десетта титула во Евролигата, но во моментов не е во таква состојба. Оваа година дефинитивно е година за одмор“ – вели Изквиердо
На крајот, Изквиердо се осврна и на можноста неговиот сонародник Жоан Пењароја да ја преземе клупата на Партизан.
„Во професионалниот спорт веќе ништо не ме изненадува. Мислам дека ќе биде претставен во понеделник. Му посакувам сè најдобро. Ќе се сретне со неверојатни навивачи и тоа мора да се доживее. Тоа е спектакл од посебно ниво. Му посакувам нему и на Партизан многу успех“, заклучи тој.


