ОПЕНАИ ГО ЛАНСИРАШЕ GPT-5 – најмоќниот модел на вештачка интелигенција, достапен бесплатно за сите

ОпенАИ официјално го претстави GPT-5, својот најнов и најнапреден модел на вештачка интелигенција, кој од денеска е достапен бесплатно за сите корисници. Според компанијата, новата генерација е попаметна, побрза и значително покорисна, особено во области како пишување, програмирање и здравствена заштита.
По лансирањето на ChatGPT во 2022 година, ОпенАИ бележи експлозивен раст и очекува оваа недела да достигне 700 милиони неделно активни корисници. Во исто време, компанијата е во преговори со инвеститори за потенцијална продажба на акции, со проценета вредност од околу 500 милијарди долари, пренесува CNBC.
Една од клучните новини во GPT-5 е воведувањето на таканаречени „безбедни дополнувања“ – наместо да одбива одговори на потенцијално ризични прашања, моделот ќе дава објаснувања на високо ниво, во рамки на безбедносни ограничувања, со цел да спречи злоупотреба и предизвикување штета.
GPT-5 од денеска е достапен за корисниците на OpenAI Free, Plus, Pro и Team плановите, како и во производите на Microsoft. Новиот модел веќе е интегриран во Microsoft 365 Copilot, Copilot за потрошувачи и Azure AI Foundry – алатка која им овозможува на програмерите да вградуваат AI способности во апликации од трети страни.
Со ова, ОпенАИ испраќа силна порака дека вештачката интелигенција станува сѐ попристапна и подготвена да влезе уште подлабоко во секојдневието на луѓето и работењето на бизнисите.


