ОПАСНОСТ ЗА МУНДИЈАЛОТ – Мексико во хаос по убиството на нарко-шефот „Ел Менче“
Турнирот ќе се игра од 11 јуни до 19 јули, со натпревари во Гвадалахара, Мексико Сити и Монтереј.

Мексико е погодено од бран насилство откако безбедносните сили го убија еден од врвните водачи на нарко-картелите, Немесио Осегуера Сервантес, познат како „Ел Менче“. Тој, кој беше најбараниот човек во земјата, загина во неделата за време на воена операција во планинскиот град Тапалпа.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појави видео од женскиот натпревар меѓу Некакса и Кверсија Феменил, кој беше прекинат откако во близина на стадионот се слушна звук што личеше на пукање. Судиската екипа ги испрати играчите во соблекувалната, а околу 400 гледачи се засолнија на трибините. Прекинот траеше околу 15 минути, по што властите објаснија дека станувало збор за издувни гасови од автомобили од автошоу. По смирувањето на ситуацијата, натпреварот продолжи.
Како реакција на убиството на Ел Менче, вооружени картелски групи блокираа патишта и запалија супермаркети, банки и возила. Насилството ја зафати и Гвадалахара, еден од градовите-домаќини на Светското првенство во фудбал во 2026 година.
Мексико ќе биде домаќин на 13 натпревари од турнирот, кои ќе се играат во Гвадалахара, Мексико Сити и Монтереј, вклучувајќи го и првиот натпревар на 11 јуни. Поради безбедносната ситуација, раководството на мексиканската прва машка лига (Лига МХ) го одложи мечот меѓу Керетаро и ФК Хуарез. Натпреварот од женската лига меѓу Гвадалахара и Клуб Америка, како и два натпревари од втората машка лига, исто така беа одложени.
Светското првенство започнува на 11 јуни и ќе трае до 19 јули, а домаќини се САД, Канада и Мексико.


