ЃОКОВИЌ И МАРЕЈ ЈА ЗАВРШИЈА СОРАБОТКАТА – Британецот се прости со благодарност
Српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ и поранешниот светски број еден, Британецот Енди Мареј, ја прекинаа тренерската соработка по само шест месеци.

Веста ја потврдија и двајцата преку објави на социјалните мрежи и изјави за медиумите.
„Тренеру Енди, ти благодарам за целата твоја напорна работа, забава и поддршка во текот на изминатите шест месеци на и надвор од теренот. Навистина уживав во продлабочувањето на нашето пријателство“, напиша Ѓоковиќ на своите профили.
Од друга страна, Мареј, во кратка изјава за Би-Би-Си, возврати со благодарност:
„Му благодарам на Новак за неверојатната можност да работиме заедно и на неговиот тим за нивната напорна работа во текот на изминатите шест месеци. Му посакувам сè најдобро во остатокот од сезоната.“
Мареј се приклучи на стручниот штаб на Ѓоковиќ на почетокот на 2025 година, но резултатите не ги исполнија очекувањата. Ѓоковиќ имаше блед почеток на сезоната, со рани елиминации на турнирите во Бризбејн, Доха, Индијан Велс и Мајами. Повреда го натера да се повлече од полуфиналето на Австралија Опен, а подоцна не успеа да направи резултат ниту на турнирите на земјена подлога во Монте Карло, Мадрид и Рим.
Иако оваа соработка не донесе посакуван успех, и двајцата ја завршуваат со почит и благодарност, оставајќи отворена врата за можни идни ангажмани.


