ЃОКОВИЌ ГО ОТКАЖА НАСТАПОТ ВО СИНСИНАТИ – Фокусот останува на УС Опен

Српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ објави дека нема да настапи на престојниот Мастерс турнир во Синсинати, кој официјално започнува утре и ќе трае до 18 август.
Одлуката доаѓа по повредата која Ѓоковиќ ја заработи на полуфиналето на Вимблдон против Јаник Синер, поради која претходно го откажа и својот настап на турнирот во Торонто. Според познавачите, повлекувањето од Синсинати е стратешки потег за да се зачува физичката подготвеност и целосно да се фокусира на УС Опен – следниот голем турнир на кој се очекува негов настап.
Иако Ѓоковиќ веќе има 38 години, неговата амбиција и понатаму останува на највисоко ниво. Сепак, се чини дека ќе почне селективно да настапува, насочувајќи ја енергијата кон грен-слем турнирите, што е тренд кај многу ветерани во светот на тенисот.
Ова е втора година по ред како Ноле се повлекува од Синсинати, но сличната одлука во 2024 година резултираше со импресивни настапи на турнирите на кои настапи потоа. Ѓоковиќ, кој досега има освоено 24 грен-слем титули, останува еден од најголемите фаворити за трофејот на УС Опен, кој започнува кон крајот на август.


