ОГНОВИ И БЛОКАДИ – Протести низ Македонија поради одземање возила
Демонстрантите бараат укинување на мерките или олеснување на условите за возачка дозвола

Граѓани од ромска националност вчера и денеска ги блокираа патиштата во повеќе градови низ државата, меѓу кои Кичево, Струмица, Штип, Кочани и Шуто Оризари, како и главниот пат од Битола кон Преспа. Протестите се реакција на воведувањето на системот „Безбеден град“, по кој полицијата започна со засилени контроли, изрекување казни и одземање возила на лица кои управувале без возачка дозвола.
Демонстрантите тврдат дека се дискриминирани и дека новите мерки најсилно ги погодуваат жителите на ромските населби. Според нив, голем дел од заедницата нема формално образование, поради што не ги исполнува условите за полагање возачки испит, а одземените возила за многумина биле единствен извор на егзистенција.
„Доколку ова не се промени, ќе протестираме секој ден. Цела Македонија нема да има мир“, порачаа дел од демонстрантите.
Други побараа враќање на стариот закон или олеснување на условите за добивање возачка дозвола, со посебен акцент на можноста за полагање без образовни бариери.
Премиерот Христијан Мицкоски побара од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски итна и решителна реакција на сите закани и нарушувања на јавниот ред и мир, со цел да не се повтори, како што рече, вчерашната „катастрофа“.
„Секој што го прекршил законот, се заканувал или го загрозувал јавниот ред и безбедноста, ќе се соочи со остар одговор“, изјави премиерот.
Во меѓувреме, протестите предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи, каде дел од граѓаните бараат законите да важат еднакво за сите и да се стави крај на управувањето нерегистрирани возила и возење без дозвола.
Протести поради одземени возила беа одржани и во Штип, Кочани, Струмица, Прилеп, Битола и Ресен, согласно член 297 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“. Во Штип беа запалени гуми на улица, по што интервенираше противпожарната служба, додека во Битола беше блокиран магистралниот пат кон Ресен.
Од МВР информираа дека на синоќешните протести немало нарушување на јавниот ред и мир, додавајќи дека во координација со Јавното обвинителство се преземаат соодветни мерки за понатамошно постапување.
Покрај протестите, воведувањето на системот „Сејф сити“ предизвика поделени реакции во јавноста и додека едни ја поддржуваат построгата контрола во сообраќајот, други сметаат дека пристапот до возачка дозвола треба да биде поедноставен и финансиски подостапен.

