ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ЈУБИЛЕЈОТ 80 ГОДИНИ КОДИФИКАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, Јазикот како темел на идентитетот
Денеска славиме Ден на македонскиот јазик, 80 години „Македонски правопис“. По тој повод се одржуваат повеќе настани.

По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, 80 години „Македонски правопис“ се одржуваат повеќе настани.
Во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, денеска свечено се одбележуваат Денот на македонскиот јазик и 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
На свеченоста присуствуваа и се обратија низа истакнати научни и академски личности, меѓу кои проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот, проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, како и проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Своето обраќање го имаше и проф. д-р Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ и истражувач од Институтот.
Програмата беше збогатена со музички настап на триото „Trio Gentlemen“, кои ги изведоа композициите „Јовано, Јованке“ и „Тајно моја“. Емоции предизвикаа и рециталите на учениците Саша Димитриевска од ОУ „Гоце Делчев“ – Скопје со интерпретација на песната „Кога ја љубев Дениција“ од Петре М. Андреевски и Нина Ламева од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје со „Нашинска“ од Гане Тодоровски.
Публиката имаше можност да проследи и кратка најава на документарниот филм „Аз, буки, веди“, изработен во соработка со ПСУ „Јахја Кемал“ – Тетово, кој ги истражува почетоците и значењето на македонската писменост.
Инаку, на 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија, официјално беше озаконета македонската азбука. Кодификацијата на јазикот започна со Одлуката на АСНОМ на 2 август 1944 година, а на 7 јуни истата година беше усвоен и првиот правопис. Клучен придонес во научната разработка и стандардизација на јазикот има академик Блаже Конески, преку своите капитални дела: Граматика на македонскиот јазик, Речник на македонскиот јазик и Историја на македонскиот јазик.
Настанот претставува потсетување на значењето на македонскиот јазик како темел на националниот идентитет и културен континуитет.
Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик под покровителство на претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова
Исто така, по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ќе се обрати на свечената академија која се одржува под нејзино покровителство во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Според најавите од Кабинетот на претседателката, на свеченоста свои обраќања ќе имаат и претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, како и претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска.
На настанот се очекува присуство на истакнати македонисти, универзитетски професори, академици, пратеници, министри, претставници на верските заедници, како и членови на дипломатскиот кор.
Настани по повод по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик се одржаа и во странство.
Во Тирана одбележан јубилејот – 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик
Во Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана денес свечено беше одбележан значајниот јубилеј – 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, настан кој ја потврдува трајната вредност и културна длабочина на македонскиот идентитет.
Настанот се одржа во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија во Тирана, КИЦ и Лекторатот по македонски јазик при Факултетот за странски јазици. Програмата вклучи поетско читање од страна на студентите кои изучуваат македонски јазик, а се претставија со поезија на професорката Славица Свидерска.
Посебно внимание привлече и изложбата на дизајнерски накит од Сташа Божиновска, инспирирана од македонскиот јазик и насловена „Дума – Чувари на зборовите на македонски јазик“, со што настанот доби дополнителна уметничка и симболична димензија.
„Македонскиот јазик, кодифициран во мај 1945 година, претставува темел на нашата културна и историска самобитност. Благодарение на визијата и посветеноста на генерации лингвисти, поети и просветители, денес тој е жив културен код и симбол на идентитет“, се наведува во соопштението на Амбасадата.
Одбележувањето на овој јубилеј беше и можност за изразување благодарност и признание до студентите од Лекторатот по македонски јазик во Тирана за нивниот труд и посветеност, како и до Сташа Божиновска за нејзиниот уметнички придонес кон свечената програма.
Во Хрватска се одбележува 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик
Културен настан со поетска вечер и изложба во Загреб и Риека
По повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, македонската Амбасада и Културно-информативниот центар во Загреб, во соработка со Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека, организираат свечен настан кој ќе се одржи во текот на мај во Хрватска.
На настанот ќе биде претставена работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, како и активностите на Лекторатот по македонски јазик во Риека – едни од клучните институции што придонесуваат за ширење и афирмација на македонскиот јазик надвор од границите на Македонија.
Централниот дел од програмата ќе биде посветен на „Вечер на македонска поезија“ – проект на издавачката куќа „Восток“. Посетителите ќе имаат ретка можност да слушнат современи македонски поети како читаат свои творби на мајчин јазик, додека нивните стихови ќе бидат интерпретирани на хрватски од страна на студенти на Лекторатот.
Настанот ќе биде збогатен и со изложбата „Македонска книжевна стерна“, организирана од Македонскиот културно-информативен центар во Загреб. Изложбата опфаќа избор од значајни изданија поврзани со кодификацијата на македонскиот јазик, како и дела на поетите учесници.
Со овој настан се испраќа јасна порака за важноста на културната размена и одржувањето на јазичниот и книжевен идентитет низ меѓународна соработка.


