ОД СОЛЗИ НА КАРЛА БРУНИ ДО ШАМПАЊ ВО ПАРИЗ – Брзиот пресврт на Саркози од затвор на слобода
По само три недели зад решетки, Апелациониот суд во Париз му одобри барање за ослободување.

Настаните околу поранешниот француски претседател Никола Саркози – од неговото заминување во затвор на издржување на петгодишна казна за што веќе пишуваше Национал, па се до експресното враќање дома и џогирање па ручек во елитен париски ресторан со сопругата Карла Бруни – уште еднаш ја потврдуваат старата изрека дека пред законот сите се еднакви, но некои се „поеднакви“.
Како што пишуваше Национал, на 21 октомври Саркози започна со издржување на затворската казна поради обвиненија дека незаконски ја финансирал претседателската кампања во 2007 година со средства од Либија. Според обвинението, неговиот изборен штаб примил милиони евра во готово од тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи, кој неколку години подоцна беше соборен и убиен за време на Арапската пролет во 2007 година. Неговата сопруга, пејачката и поранешна манекенка Карла Бруни, со солзи во очите го испрати сопругот зад затворските ѕидови.
Само три недели подоцна, на 10 ноември, следуваше драматичен пресврт. Саркози, преку своите адвокати, пред Апелациониот суд во Париз побара предвремено ослободување, наведувајќи дека престојот во затвор бил „многу тежок и исцрпувачки“.
„Тешко е, како и за секој затвореник. Би рекол дека е исцрпувачки“, изјави тој, притоа изразувајќи благодарност кон затворските службеници кои, според него, „ја направиле оваа ноќна мора поднослива“.
Државниот обвинител Дамијен Брун го поддржа барањето, а Апелациониот суд во Париз веднаш го прифати. Така, само неколку часа подоцна, Саркози беше ослободен од затвор.
Веќе следното утро, поранешниот претседател беше забележан како вежба во близина на својата резиденција, а потоа, во добро расположение, ручаше со Карла Бруни во познат ресторан во 16-тиот париски арондисман.


