ОД ИЛИЈА ДИМОВСКИ ГОЧЕ ДО ТАШКО ЈОВАНОВ – Континуитет на борбата за правата на Македонците од Егејот
Во вторник, 4 ноември во Алејата на великаните во Скопје ќе биде откриена спомен-биста на легендарниот командант на Првата македонско-егејска ударна бригада.

Во вторник, на 4 ноември 2025 година, со почеток во 11:00 часот, во Алејата на великаните на градските гробишта Бутел, ќе се одржи комеморација со откривање на спомен-биста на легендарниот командант Илија Димовски – Гоче, водач на Првата македонско-егејска ударна бригада на Народноослободителната војска на Македонија.
Оваа благородна иницијатива ја реализираат Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Скопје, и Светскиот Македонски Конгрес, со поддршка и донации од Македонците во Австралија и Канада.
Благодарение на оваа иницијатива, вечното почивалиште на Илија Димовски – Гоче, кое долги години беше запуштено и заборавено, е целосно реконструирано и уредено, со поставена спомен-биста што ќе сведочи за неговото дело и пожртвуваност во борбата за македонската слобода.
Со благослов на Неговото Блаженство г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски, панихида ќе отслужат свештеници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Присутните ќе ги поздрават Ташко Јованов и Тодор Петров, а за животот и делото на командантот ќе говори д-р Ицо Најдовски – Перин од Мелбурн, Австралија.
На настанот ќе присуствуваат делегации, претставници на институции, општини, здруженија и политички партии, кои ќе положат цвеќе во чест на Илија Димовски – Гоче.
Сите добронамерници и почитувачи на неговото дело се поканети да присуствуваат на комеморацијата. Обезбеден е автобус за гробиштата, кој тргнува во 9:30 часот од Дрводекор (кај хотел „Холидеј Ин“) во Скопје.
Илија Димовски – Гоче е роден во 1905 година во село Статица, Костурско. Тој е истакнат македонски национален деец од Егејскиот дел на Македонија, борец за националните права на Македонците под Грција и учесник во Народноослободителната војна на Македонија и Грција.
Во предвоениот период активно се вклучува во работничкото и македонското националноослободително движење и е член на ВМРО (Обединета), поради што бил прогонуван и интерниран.
Во 1941 година се отцепува од КПГ и формира посебна македонска партиска организација со јасна национална платформа.
На 28 февруари 1943 година е поставен за командант на партизанскиот одред „Вичо“, а на 2 август 1944 година станува комесар, потоа и командант на Леринско-костурскиот македонски баталјон во составот на ЕЛАС.
На 12 октомври 1944 година е назначен за командант на Леринско-костурската македонска бригада, а поради опасност од нејзино расформирање, таа се префрла на територијата на Македонија.
На 18 ноември 1944 година, во селото Драгош, Битолско, е формирана Првата македонско-егејска ударна бригада на НОВ на Македонија, чиј командант станува Илија Димовски – Гоче.
Оваа бригада е првата која продефилирала низ ослободената Битола, а подоцна била распоредена во Гостивар, Тетово, Битола и Гевгелија, каде успешно дејствувала против балистичките банди и за заштита на државната граница.
Со наредба на Главниот штаб на НОВМ од 2 април 1945 година, бригадата е расформирана, а нејзините борци се распоредени во други единици.
Голем дел од нив подоцна се враќаат во Егејскиот дел на Македонија, каде учествуваат во создавањето на одредите на Народноослободителниот фронт (НОФ) и подоцна во Демократската армија на Грција, продолжувајќи ја борбата за национална и социјална слобода.
Во 1946 година, Гоче командува со македонските партизански единици на НОФ на планината Вичо, а во 1947 година со баталјон на Демократската армија на Грција.
Бил член на Главниот одбор на НОФ на Македонците од егејскиот дел и носител на партизанска споменица од 1941 година.
Починал на 26 јуни 1961 година во Скопје, а е погребан во Алејата на великаните на градските гробишта Бутел, каде денес неговото дело повторно добива заслужено признание.


