ОД 91 ДО 200 ДОЛАРИ – Белата куќа подготвена за најлошото сценарио
Дури и цена од 170 долари за барел може да ја зголеми инфлацијата и да го забави растот во САД и Европа.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за драматично зголемување на цените на нафтата, вклучително и сценарио во кое барел би достигнал 200 долари, јави Блумберг.
Според извори блиски до администрацијата, овие анализи се дел од редовните проценки за време на кризи и не се наменети за точно предвидување на идните движења на пазарот. Целта е Белата куќа да биде подготвена за различни сценарија, вклучително и продолжен конфликт.
Дури и пред почетокот на војната, американскиот министер за финансии, Скот Бесант, изразил загриженост дека конфликтот може да предизвика раст на цените на нафтата и негативно да влијае на економскиот раст. Високи финансиски претставници со недели предупредувале за флуктуациите на цените на нафтата и бензинот.
Сепак, портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, ги отфрли извештаите дека администрацијата ја разгледува цената од 200 долари за барел, истакнувајќи дека владата редовно разгледува различни сценарија, но секретарот за финансии не е загрижен за „краткорочни нарушувања“ на енергетскиот пазар.
Откако започна конфликтот, цените на нафтата значително се зголемија. Американската сурова нафта од Западен Тексас се зголеми за околу 30% на 91 долар за барел, додека суровата нафта од Брент порасна речиси 40% и се тргува околу 102 долари. Американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт, оцени дека сценариото со 200 долари за барел е „малку веројатно“.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека дури и пониски цени би можеле значително да ја погодат економијата. Според Блумберг, цена од околу 170 долари за барел би можела во наредните месеци да ја зголеми инфлацијата во САД и Европа и да го забави економскиот раст.
Еден од клучните ризици е нарушување на снабдувањето преку Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од глобалниот извоз на нафта и гас. Во меѓувреме, САД веќе забележале раст на малопродажните цени на бензинот од околу 30%, додека претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, нагласи дека сè уште е прерано да се процени целосното влијание на повисоките цени на енергијата врз американската економија.


