ОБВИНИТЕЛСТВОТОТ ПРЕСЕЧЕ Нема криминал со модуларните болници, 5 години им требаа за одлуката

По речиси пет години проверки, ОЈО ГОКК не утврди злоупотреба на службената положба ниту друго кривично дело поврзано со набавката и изградбата на 19 модуларни болници.

ОБВИНИТЕЛСТВОТОТ ПРЕСЕЧЕ Нема криминал со модуларните болници, 5 години им требаа за одлуката
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го затвори предметот поврзан со јавните набавки за изградба на 19 модуларни болници, откако по извршените проверки и анализа на целокупната документација не утврдило основи на сомнение за сторено кривично дело.

Предметот бил оформен на 10 септември 2021 година, со цел да се проверат постапките за набавка и да се утврди дали при нивното спроведување имало елементи на кривично дело, информираат од ОЈО ГОКК.

Во текот на постапката била прибрана документација од повеќе институции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии – Бирото за јавни набавки, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Владата и ОЈО Тетово.

Обвинителството ги анализирало постапките за јавни набавки, техничките спецификации, договорите, проектната документација, како и релевантната законска регулатива.

Според утврденото, во периодот од април до јуни 2020 година биле спроведени три постапки за обезбедување дополнителни капацитети во здравствениот систем за справување со пандемијата од ковид-19. Тие се однесувале на монтажни контејнери кај Клиниката за инфективни болести во Скопје, немедицинска опрема за Регионалниот ковид-центар и формирање монтажно-модуларен амбулантско-поликлинички оддел за Клиниката за пулмологија и алергологија.

Била разгледана и набавката на модуларни монтажни контејнери во рамките на Проектот за итно справување со Ковид-19, финансиран со заем од Светска банка. Од ОЈО посочуваат дека постапката била спроведена според правилата на Светска банка, преку барање понуди на меѓународниот пазар.

Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки, бидејќи станува збор за набавка спроведена согласно правилата на меѓународна финансиска институција.

Предмет на анализа била и законската регулатива во областа на градењето. Јавниот повик бил објавен на 13 октомври 2020 година, а договорот бил склучен на 30 ноември истата година. Во меѓувреме, со измените на Законот за градење, објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за здравствена дејност биле ставени во категоријата објекти за кои не е потребно одобрение за градење.

Од прибраната документација, според обвинителството, произлегува дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните објекти, како и соодветна проектна документација.

ОЈО ГОКК ја анализирало и документацијата поврзана со активностите на Светска банка по пожарот во модуларната болница во Тетово. Во октомври 2021 година биле посетени објектите во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, при што била проверувана усогласеноста со проектните стандарди, безбедноста и противпожарната заштита.

Според обвинителството, тимот на Светска банка потврдил дека постапката за набавка била спроведена во согласност со правилата на банката, а испорачаната стока одговарала на техничките спецификации.

По анализата на целокупната документација и извршените проверки, обвинителството не утврдило факти кои би укажале дека службено лице ја искористило или пречекорило службената положба и овластување, или не ја извршило службената должност со цел да прибави значителна имотна корист или да нанесе значителна штета.

Поради тоа, ОЈО оценило дека утврдените факти не ги исполнуваат законските обележја на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик, ниту на друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Оттука, надлежниот јавен обвинител оценил дека нема основи на сомнение за сторено кривично дело и дека нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по предметот.

CATEGORIES
Share This