ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВО АКЦИЈА Истражува фалсификати во легализацијата на дивоградби во Чаир
Паралелно со прибирањето на документацијата, спроведени се и испрашувања на повеќе лица. Меѓу нив се и службеници од Општина Чаир, како и дел од подносителите на барања за легализација на бесправно изградени објекти.

Основното јавно обвинителство на Република Македонија отворило предмет во врска со сомневања за фалсификување на деловодна книга со архивски броеви за легализација на објекти на територијата на Општина Чаир.
Истрагата е покрената по допрен глас, односно врз основа на медиумски написи.
Како што информираат од Јавното обвинителство, во рамки на предистражната постапка се преземаат низа дејствија за проверка на наводите. Притоа, е обезбедена обемна писмена документација од повеќе институции, меѓу кои Општина Чаир, Министерството за транспорт и врски, Државниот управен инспекторат, како и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Паралелно со прибирањето на документацијата, спроведени се и испрашувања на повеќе лица. Меѓу нив се и службеници од Општина Чаир, како и дел од подносителите на барања за легализација на бесправно изградени објекти.
„Процесот на обезбедување вербални докази е сѐ уште во тек“, посочуваат од Обвинителството, додавајќи дека по комплетна анализа на прибраните материјални и вербални докази, кои се во финална фаза, ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука.


