ОБВИНИТЕЛИТЕ РЕАГИРААТ Нашите плати се најниски во регионот, буџетот е недоволен за сите трошоци

Новиот предлог-закон за јавното обвинителство предвидува буџетот на оваа институција да изнесува 0,5% од државниот буџет, а не од бруто домашниот производ. Овие средства не се наменети само за платите на јавните обвинители, туку и за сите трошоци поврзани со функционирањето на јавните обвинителства во земјата. Реакцијата доаѓа од Здружението на јавни обвинители, по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој тврди дека обвинителите и судиите не ги заслужуваат платите што ги примаат и дека реформите во правосудниот систем не можат да се реализираат без зголемување на буџетот за нивните плати.
“Во таа сума влегуваат и платите на јавнообвинителската администрација, трошоците за вештачења, како и трошоците за сите дејствија преземени во истражните постапки, и трошоците за одржување на системите кои се неопходни за функционирање на Јавното обвинителство,” велат обвинителите. Од 2020 година, кога за првпат во Законот беше предвидено да се издвојуваат 0,4% од државниот буџет за Јавното обвинителство, до денеска, обвинителството секоја година добива само околу половина од овие средства, што доведува до сериозни предизвици во покривањето на основните трошоци.
Обвинителите истакнуваат дека, во споредба со другите земји во регионот, нашата земја е на дното по буџетските издвојувања за оваа намена. “Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници имаат најниски плати во споредба со сите останати земји во регионот. Бројот на јавни обвинители и на јавнообвинителска служба е далеку под европскиот просек, а сепак обвинителствата успеваат да го совладаат приливот на предмети и да решат по 20-тина илјади предмети годишно,” додаваат тие. Овие факти се препознаени и од Европската унија, која истакнува дека финансиската самостојност и обезбедувањето ресурси за обвинителството се меѓу клучните реформи што се бараат од нашата земја. Претходно, реакција имаше и од Здружението на судии.


