ОБВИНЕНИЕ ЗА 37 ЛИЦА ПО ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ Пожарот бил резултат на системски пропусти
Во обвинението, кое опфаќа 40 страници, се наведува дека пожарот бил предизвикан од пиротехнички средства употребени на сцената при настап на музичката група ДНК на 16 март.

Три месеци по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени, Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственици, инспектори, поранешни градоначалници и службени лица, осомничени за низа прекршувања кои довеле до фаталниот исход.
На денешната прес-конференција, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски објави дека лицата се товарат за предизвикување опасност по животите на луѓето и значителна материјална штета. Објектот, како што посочи Коцевски, не исполнувал основни безбедносни услови – не бил предвиден за дискотека, бил изграден со лесно запаливи материјали, и не поседувал ниту потребни лиценци, ниту излез за евакуација во согласност со прописите.
„Свесно биле игнорирани правилата за заштита од пожар и безбедност на посетителите, што довело до трагичните последици“, истакна Коцевски.
Истражната постапка која се водеше против 47 лица резултираше со запирање на процесот за 11 од нив поради недостиг на докази, додека за еден осомничен е поведена посебна постапка поради здравствени причини, а еден починал.
Во обвинението, кое опфаќа 40 страници, се наведува дека пожарот бил предизвикан од пиротехнички средства употребени на сцената при настап на музичката група ДНК на 16 март.
Искрите од фонтаните го зафатиле плафонот обложен со полиуретански сунѓер, кој брзо се запалил и довел до целосно опожарување на објектот.
Посетителите, меѓу кои имало и малолетници, масовно се обиделе да избегаат низ единствениот излез, кој бил несоодветен и претставувал пречка за евакуација. Паниката довела до турканици, паѓање и дополнителни повреди.
Со обвинението се опфатени и четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, четворица инспектори, пет државни службеници, тројца поранешни градоначалници на Кочани, како и управители и вработени од агенцијата за обезбедување. Дополнително, е отворена нова истрага против реалниот сопственик на обезбедувањето.
Против 13 полицајци е издадена наредба за истражна постапка, поради нивна вмешаност во инцидентот, а постапката за пет други лица, меѓу кои и двајца поранешни министри за економија, е привремено запрена поради недоволно докази.
„Секоја институција што била дел од синџирот на надлежности имала можност да ја спречи трагедијата, но никој не презел одговорност“, заклучи Коцевски, најавувајќи дека истрагата ќе продолжи и против други лица доколку се појават нови докази.


