ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ГИ КРЕНАА РЕКИТЕ Треска најкритична со +90 см

Вардар, Пчиња, Црна Река и Радика со значително зголемени водостоји на повеќе мерни точки.

ОБИЛНИТЕ ВРНЕЖИ ГИ КРЕНАА РЕКИТЕ Треска најкритична со +90 см
Фото: Национал

Нивоата на речните води значително пораснаа по обилните врнежи што ја зафатија земјава во изминатите денови. На одредени мерни места водостојот достигна речиси осумкратно повисоки вредности од вообичаените за месец ноември.

Најголем пораст е измерен на реката Треска кај Македонски Брод, каде водостојот е 90 сантиметри над нормалната кота. Зголемени нивоа се забележани и на Вардар кај Јегуновце, Скопје, Велес и Демир Капија, како и на Пчиња кај Пелинце и Катлановска Бања. Пораст има и на Црна Река кај Новаци, на Радика и на Црн Дрим кај Ложани.

Исклучок е само Брегалница кај Берово, каде водостојот е 12 сантиметри под просекот за овој период.

Според УХМР, нивото на Дојранското, Преспанското и Охридското Езеро останува стабилно и во рамки на просекот. Зголемени водостојни вредности се регистрирани и во Охрид и Кичево, но без излевања. Најризичен е делот кај улица Прилепска во Кичево, каде што е побарана интервенција од општинските служби. Во Охрид пак се постапува по пријави за поплавени подруми во населбата Железничка, предизвикани од диво ископани канали.

Во Куманово, реката Пчиња накратко излезе од коритото кај Пелинце – Стрновац, но без последици. Мостовите во Коинце и Пелинце се расчистуваат од насобран дрвен материјал и отпад, при што не е констатирана опасност по нивната стабилност.

Голем одрон го блокираше регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“. Сообраќајот е воспоставен по една лента, а службите продолжуваат со целосно обезбедување на трасата, информира ЦУК.

CATEGORIES
Share This