ОБИЛЕН ДОЖД, ЗАСИЛЕН СЕВЕРЕН ВЕТЕР И СНЕГ НА ПЛАНИНИТЕ Македонија под силно циклонско влијание

Македонија денеска, петок (28 ноември), се наоѓа под изразено циклонско влијание со центар над Медитеранот, кое носи значителна количина врнежи и пад на температурите. Од север пристигнува постуден воздух, што дополнително ќе ја засили нестабилноста.
Очекувањата се за обилни врнежи од дожд, особено во источните региони, каде на одредени места може да наврнат и над 40 литри дожд на метар квадрат за само едно деноноќие. Во другите делови од земјата дождот ќе биде со умерен интензитет, придружен со слаб до умерен, а локално и засилен северен ветер. На планинските предели над 1300 до 1400 метри надморска височина врнежите ќе преминуваат во снег, со што ќе се формира нова снежна покривка.
Во Скопје и скопскиот регион денот ќе помине под густи дождливи облаци, додека на околните планини врнежите ќе се трансформираат во снег. Северниот ветер повремено ќе добива на сила, што дополнително ќе го засили чувството на студ.
Поради најавеното обилно количество врнежи, зголемува и ризикот од пораст на водостоите на реките и езерата, како и од појава на локални поплави на чувствителни подрачја. Надлежните апелираат до граѓаните, особено до возачите, да бидат внимателни, да избегнуваат близина на водотеци и да го планираат движењето со оглед на можните застои и потешкотии во сообраќајот.
Температурите денес ќе се движат меѓу 3 и 10 Целзиусови степени, а во Скопје максималната дневна температура се очекува да достигне околу 6 степени.

