ОБАМА СО ЖЕСТОКА КРИТИКА ДО ИЗРАЕЛ Одзедоа земја од народот и отидоа предалеку
Поранешниот американски претседател предупреди дека воената супериорност не може да гарантира траен мир и безбедност, повикувајќи на прекин на насилството, ублажување на хуманитарната криза и политичко решение за Израелците и Палестинците.

Поранешниот американски претседател Барак Обама остро ја критикуваше израелската влада за односот кон Палестинците, предупредувајќи дека воената и технолошката надмоќ не може да обезбеди долгорочен мир на Блискиот Исток.
За време на посетата на Белфаст, во Северна Ирска, Обама зборуваше за историските неправди, војната во Газа и одговорноста на израелските власти во разговор со новинарката Сузан Мекеј.
„Она што е исто така неоспорно е дека тие одзедоа земја од народот и отидоа предалеку“, рече Обама, осврнувајќи се на историјата на израелско-палестинскиот конфликт.
Тој го призна историското прогонство на еврејскиот народ, особено во Европа, и потребата од безбедно засолниште, но нагласи дека тоа не смее да биде причина да се занемарат неправдите што ги претрпеле Палестинците.
Обама предупреди дека Израел не може да ја гради својата иднина единствено врз воената сила и наметнувањето на сопствените интереси. Според него, таквата политика може да донесе краткорочни резултати, но на долг рок ја поткопува моралната позиција на државата и ги намалува изгледите за траен мир.
Тој ја критикуваше актуелната израелска влада, нагласувајќи дека мора да го прифати фактот оти милиони Палестинци живеат во регионот и дека нивните права и иднина не можат да бидат игнорирани.
Истовремено, Обама ги повика Палестинците да се определат за ненасилни стратегии и го осуди нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Говорејќи за иднината на регионот, тој изрази загриженост поради страдањето на цивилите, проширувањето на израелските населби на Западниот Брег и продлабочувањето на поделбите меѓу двата народа.
Како први чекори кон траен мир ги посочи прекинот на насилството, ублажувањето на хуманитарната криза и обновата на разурнатата Газа.
Неговите изјави предизвикаа реакции и критики од дел од произраелските коментатори, кои сметаат дека Обама ги поедноставил историските околности поврзани со создавањето на Израел.
Пораките на поранешниот американски претседател повторно ја отворија дилемата дали безбедноста на Блискиот Исток може да се гарантира преку воена надмоќ или е потребно политичко решение што ќе ги земе предвид правата и безбедноста на двата народа.

