НОВО ВИДЕО ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО ИНДИЈА Над 240 загинати во авионската несреќа
Причините за несреќата сè уште се истражуваат, а властите најавија темелна истрага за утврдување на сите околности поврзани со трагедијата.

Индиската полиција денеска ја коригираше бројката на загинати во трагичната авионска несреќа што се случи на аеродромот во Ахмедабад, појаснувајќи дека претходно објавените податоци биле резултат на грешка во пребројувањето на телата.
Во првичниот извештај беа наведени 294 жртви, но според најновите податоци, загинале повеќе од 240 лица. Според изјавите на полициски извори за агенцијата Ројтерс, делови од телата на жртвите биле бројани повеќе од еднаш, што довело до погрешен биланс.
Несреќата се случи при полетување на патнички авион на „Ер Индија“, кој требало да лета кон Лондон. Авионот, во кој имало над 240 лица, се урна врз хостел за медицински работници во близина на аеродромот, предизвикувајќи голем број жртви и повредени.
Локалните власти потврдија дека меѓу загинатите има и најмалку пет студенти од Медицинскиот колеџ BJ, кој се наоѓа во непосредна близина на местото на несреќата. Околу 50 лица се повредени, а како единствен потврден преживеан патник е идентификуван Британецот Вишваш Кумар Рамеш.
Спасувачките тимови известија дека на самото место биле пронајдени најмалку 204 тела, а Федерацијата на индиските лекарски здруженија (ФАИМА) соопшти дека поголемиот дел од патниците пристигнале во болниците без знаци на живот.
Меѓу патниците во авионот имало државјани на Индија, Велика Британија, Канада и Португалија. Причините за несреќата сè уште се истражуваат, а властите најавија темелна истрага за утврдување на сите околности поврзани со трагедијата.
New CCTV footage emerges of the Air India 787 as it took off from Ahmedabad. It also appears to show smoke (or dust) as the aircraft lifted off from the runway. pic.twitter.com/8ytjZCDOP1
— Breaking Aviation News & Videos (@aviationbrk) June 12, 2025


