НОВО ПОЛИТИЧКО СОЈУЗНИШТВО – Филипче го кани Ахмети во анти-владина коалиција
Средбата се случила во Мала Речица ден пред лидерската средба во Владата

Лидерот на СДСМ Венко Филипче му понудил на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, формирање „широк опозициски фронт за ЕУ“. Средбата, како што се дознава, се одржала во Мала Речица, ден пред лидерската средба во Владата на која домаќин беше премиерот Христијан Мицкоски.
Изворите тврдат дека иницијативата за состанокот дошла од Филипче и се случила само неколку часа пред седницата на Генералниот совет на ДУИ, кој потоа одлучи Ахмети да учествува на средбата со Мицкоски.
Не е познато дали понудата на Филипче вклучувала и барање Ахмети да се вклучи во бојкот на лидерската средба. Филипче само ја потврди средбата, додавајќи дека нема да открие детали.
„Средба имаше, но не би коментирал за деталите,“ изјави Филипче.
Односите меѓу СДСМ и ДУИ се затегнати уште од локалните избори, кога Филипче во дел од општините неформално ја поддржа коалицијата „Вреди“, а на дополнителните избори отворено застана зад кандидатот на Арбен Таравари. Сепак, партиски извори укажуваат дека опозиционерот сега се обидува да ги подобри релациите со Мала Речица.
Висок функционер од ДУИ потврдува дека понудата за соработка постоела:
„Пред седницата на Генералниот совет, претседателот Али Ахмети се сретна со претседателот на СДСМ Венко Филипче, на негово барање. На состанокот, Филипче му понудил соработка во ‘европски опозициски фронт’,“ изјави функционерот.


