НОВИНА ОД ССКМ – Лансира нова Б2Б платформа за македонските компании
овеќе од 10.000 микро и мали компании ќе се поврзат дигитално.

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) продолжува со дигиталната модернизација, овозможувајќи современа глобална комуникација за своите членки. Од денеска стартува новата Б2Б платформа, која ќе овозможи дигитално поврзување на повеќе од 10.000 македонски микро и мали компании.
„Бизнис платформата е дополнителен дигитален прозорец кон светот. Таа овозможува лесно пребарување, закажување состаноци и воспоставување контакти со потенцијални партнери и клиенти, како од земјата, така и од странство. Во наредниот период, секоја компанија членка на деветте комори и на групациите при ССКМ ќе може да креира свој бизнис профил на платформата, која е дел од ребрендираната интернет страница на ССКМ. Ова овозможува глобална презентација на нивните услуги и производи“, се наведува во соопштението.
Со овој проект, ССКМ ја зајакнува својата улога како активен партнер на бизнис заедницата, создавајќи современи алатки за поврзување, соработка и развој на компаниите.
„Дигиталните решенија и вакви платформи се клучни за зголемување на конкурентноста на македонските компании, олеснување на пристапот до нови пазари и поттикнување на меѓусебната соработка во бизнис секторот“, велат од ССКМ.
Дополнително, од Сојузот истакнуваат:
„Ќе продолжиме со фокусирана работа на повеќе полиња идентификувани од нашите членки, со цел подобрување на македонскиот бизнис сектор преку дигитализирани услуги, зајакнување на вештините на вработените преку обуки и подобрена комуникација со членките, бизнис заедницата и јавноста. Овие активности ја зголемуваат можноста за деловни средби, отворање нови потенцијали за компаниите и активно учество во креирањето на државните економски политики.“


