НОВИ ЕЛЕКТРИЧНИ ЛОКОМОТИВИ И ОБВНОВА НА ПРУГИТЕ – 21 милион евра за железницата

Инвестицијата има цел зголемување на капацитетот, приходите и стабилноста на МЖ Транспорт

НОВИ ЕЛЕКТРИЧНИ ЛОКОМОТИВИ И ОБВНОВА НА ПРУГИТЕ – 21 милион евра за железницата
Фото: Влада

Владата најави инвестиции од 21 милион евра во железничкиот транспорт, кои ќе бидат наменети за набавка на до пет нови електрични локомотиви, заедно со неопходни резервни делови.

Како што информираат од Владата, инвестицијата ќе се реализира преку договор за заем помеѓу МЖ Транспорт и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), по спроведена детална анализа на состојбата и реалните потреби на претпријатието. Анализата покажала дека без модерни и функционални локомотиви, железничкиот транспорт не може да ја исполни својата економска улога.

„Состојбата што ја наследивме беше катастрофална. До неодамна, МЖ Транспорт немаше ниту една целосно функционална локомотива, а повеќе од 20 меѓународни товарни композиции беа блокирани во Гевгелија, што резултираше со изгубени договори, приходи и доверба“, наведуваат од Владата.

Според нив, со интензивна работа од јули до септември 2024 година биле оспособени пет локомотиви, а до февруари 2025 година вкупно десет од постојните 46. Тоа, како што велат, било првиот чекор кон стабилизација на железничкиот систем.

Сепак, проблемите остануваат значајни, бидејќи просечната старост на дизел локомотивите надминува 60 години, а на електричните повеќе од 40 години, што е неодржливо од економски, безбедносен и еколошки аспект.

Целта на новата набавка е зголемување на бројот на расположливи локомотиви, зголемување на капацитетот за транспорт на стоки и подобрување на финансиската стабилност на МЖ Транспорт. Од Владата истакнуваат дека железницата мора повторно да стане двигател на извозот и логистиката, наместо тесно грло за економијата.

Посебен акцент се става и на еколошката компонента, со оглед дека електричните локомотиви придонесуваат кон намалување на емисиите и борба против аерозагадувањето, во согласност со целите за енергетска транзиција и одржлив развој.

Паралелно со ова, започнати се и градежни работи на Линија 1, таканаречениот градски воз, со вредност од 360 милиони денари. Проектот предвидува целосна реконструкција и надградба на трасата за побезбеден и поефикасен железнички сообраќај.

Дополнително, изградбата на брза пруга на Коридор 10 останува еден од стратешките приоритети на Владата. Преку договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, обезбедени се средства за капитални инвестиции во железничката инфраструктура.

„Ова не се изолирани проекти, туку системска обнова на железничкиот сектор – инвестиција во економијата, екологијата и европската иднина на државата“, порачуваат од Владата.

CATEGORIES
Share This