НОВИ 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ВАСЕВ – Нови сведоци на рочиштето за Онкологија

Адвокатот обвини дека Обвинителството го барало продолжувањето на притворот со образложение дека Васев може да побегне од земјата дури и од куќен притвор, користејќи само лична карта

НОВИ 30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ВАСЕВ – Нови сведоци на рочиштето за Онкологија
Фото: Национал

Основниот кривичен суд му го продолжи притворот за уште 30 дена на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев. Неговиот адвокат, Боби Спирковски, најави жалба до Апелациониот суд, оценувајќи дека притворот е неоправдан, а обвинението се темели на, како што рече, „вештачки конструирани дела“.

Спирковски посочи дека одбраната доставила нови докази кои, според него, покажуваат дека нема ниту штета ниту основ за тешки обвиненија. Тој апелираше Апелациониот суд да одлучува без притисоци и исклучиво врз основа на законот и фактите.

Адвокатот обвини дека Обвинителството го барало продолжувањето на притворот со образложение дека Васев може да побегне од земјата дури и од куќен притвор, користејќи само лична карта.

„Факт е дека некој може и без лична карта да ја напушти државата преку див премин, но тоа не се правни аргументи. Таквите тврдења се за лаици кои не познаваат право. Се надевам дека овојпат Апелација ќе одлучи без притисок и само врз основа на правните аргументи“, изјави Спирковски.

На денешното рочиште сведочеа поранешни членови на Управниот одбор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, кои ја извршувале функцијата во периодот кога обвинетите Васев и Нухи биле директори.

Сведоците одговараа на прашања за финансиското работење на Клиниката. Еден од нив изјави дека не се сеќава на дел од деталите, додека друг сведок, член на Управниот одбор од 2018 до 2024 година, рече дека во 2019 година Васев презентирал дека Клиниката има доволно средства и дека ќе ја заврши годината успешно. Подоцна, според истиот сведок, новата директорка Виолета Клисаровска информирала дека Клиниката се соочува со финансиски проблеми.

Управниот одбор, како што беше посочено, одлуките ги носел со гласање, а сведокот додаде дека не се сеќава како гласал за годишните завршни сметки, но потврди дека тие биле усвоени.

CATEGORIES
Share This