НОВА ПАРТИЈА НА ХОРИЗОНТ Трифун Костовски најави нова партија
Поранешниот градоначалник на Скопје најави нов политички проект и повика граѓаните на обединување.

Поранешниот градоначалник на Скопје и екс-пратеник Трифун Костовски најави враќање на политичката сцена, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат на, како што ја нарекува, нова визија за иднината на државата.
Во објава на социјалните мрежи, Костовски информира дека планираната политичка партија ќе биде отворена за сите полнолетни граѓани, без ограничување на возраста. Тој нагласува дека идејата е да се обединат луѓе со различни искуства и ставови, со заедничка цел за подобра држава.
Костовски повика граѓани „кои имаат желба Македонија да опстои како држава“ да се приклучат кон иницијативата, истакнувајќи дека ова, како што вели, не е само негова лична идеја, туку повик до сите што сметаат дека земјата заслужува поправедна и подостоинствена иднина.
„Ова не е повик за власт за мене, туку за можност за освестување на државно ниво. Македонија треба да биде пред секоја партија. Ова не е повик за поделби, туку за обединување на сите што ја сакаат државата без личен интерес“, наведе тој во објавата.
Трифун Костовски е бизнисмен, поранешен пратеник и градоначалник на Скопје во периодот од 2005 до 2009 година.
