НОВА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА КОСТАДИНОВ Како била легализирана дивоградба во Куклиш
МВР поднесе пријава против ексградоначалникот на Струмица, поранешна раководителка во општината и битолски бизнисмен. Според полицијата, со елаборат со невистинита содржина биле избришани општински објекти, а потоа била овозможена легализација на градба и отуѓување државно земјиште.

СВР Струмица поднесе нова кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, поранешна раководителка на Секторот за урбанизам во општината и поранешен управител на правно лице од Битола. Според МВР, двајца од пријавените се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување, а третиот за фалсификување исправа.
Случајот се однесува на легализација на бесправно изграден објект во селото Куклиш во 2022 година, при што, според полициското соопштение, на физичко лице му била овозможена противправна имотна корист на штета на Општина Струмица и државата.
Според истрагата, поранешната раководителка побарала од битолскиот управител да изготви елаборат за бришење објекти од катастарска парцела во Куклиш. Во елаборатот и техничкиот извештај, како што наведува МВР, било лажно констатирано дека на теренот не постојат објекти, иако таму имало градби во сопственост на Општина Струмица.
Документацијата потоа била употребена за бришење на општинските објекти од катастарската евиденција, со цел парцелата да добие чист имотен лист.
МВР наведува дека со спорните дејствија му било овозможено на лице од Куклиш да добие решение за легализација на објект – зграда со намена стовариште, со внатрешна површина од 161 квадратен метар.
Според полицијата, со ова му била овозможена и постапка за откуп на земјиштето под објектот, како и отуѓување на дополнително земјиште во државна сопственост со површина од 866,46 квадратни метри, кое потоа било запишано на негово име.
Во соопштението се посочува дека при постапката не биле земени предвид ниту претходните судски одлуки поврзани со објектот.
Имено, во 2016 година Вишиот управен суд ја одбил жалбата на лицето во врска со барањето за легализација, со образложение дека објектот се наоѓа на парцела на која Општина Струмица има право на сопственост на објект. Во 2019 година била донесена и пресуда со која било потврдено дека објектот е изграден без соодветно одобрение за градење.
Дополнително, овластен градежен инспектор при Општина Струмица претходно издал решение со кое му било наложено на лицето да ја отстрани градбата.
„Спротивно на сето тоа, пријавените овозможиле корист на Т.Ј., а штета на Општина Струмица и Р.С. Македонија“, наведуваат од МВР.
Ова е трета кривична пријава против поранешниот градоначалник Костадин Костадинов, по претходните две пријави. За наводите во најновиот случај ќе треба да се произнесат надлежното обвинителство и судот, а самото поднесување кривична пријава не значи и утврдена вина.

