НОВА БИТКА ЗА ЕУ-ПАТОТ Кос ја отвори вратата за Македонија преку уставните измени, Мицкоски бара гаранции и јасни правила
Еврокомесарката порача дека земјата може да напредува кон членство, но ги посочи уставните измени како клучен чекор, додека премиерот инсистира процесот да се води според европски критериуми.

Еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, порача дека Северна Македонија има реална можност да забрза на патот кон полноправно членство во Унијата, но нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходен услов за формално продолжување на пристапниот процес. Кос оцени дека за напредок во евроинтеграциите е потребен поширок политички консензус, особено околу Изборниот законик, со цел државата целосно да го искористи моментумот што го има во односите со ЕУ.
„Потребен е заеднички меѓупартиски консензус за да имаме целосен успех. Кога тоа ќе се случи, ќе биде во полза на државата, бидејќи пристапните преговори ќе се придвижат напред. Реформската агенда, Планот за раст и пристапниот процес во одреден дел ќе се спојат, а Северна Македонија тогаш може многу побрзо да се приближи до напредните европски земји“, изјави Кос.
Таа нагласи дека граѓаните и компаниите во земјата веќе ги чувствуваат придобивките од приближувањето кон Европската Унија. Меѓу нив ги посочи идните можности за укинување на роамингот, проширување на програмата „Еразмус плус“, учество во европски иницијативи за вештачка интелигенција, пристап до здравствени програми и подобрување на сајбер-безбедноста.
Според неа, полноправното членство ќе донесе уште поголеми придобивки, еднакви права и можности за граѓаните и бизнисите, како и поголема европска финансиска поддршка за инфраструктурата и руралните региони. Како пример ја посочи Црна Гора, која како напреден кандидат по влезот во ЕУ би добивала значително поголема финансиска помош.
„Истото го сакаме и за Северна Македонија, но усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување на процесот“, порача Кос.
Еврокомесарката оцени дека постојат сериозни изгледи Европската Унија до 2028 година да добие нова членка од Западен Балкан, а Северна Македонија, според неа, треба да биде меѓу земјите кои најбрзо ќе напредуваат.
„Направивме повеќе во изминатиот период отколку во претходните 15 години заедно. Северна Македонија има свое место во Европската Унија како полноправна членка и треба заеднички да работиме тоа да стане реалност“, додаде Кос.
Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарката порача дека Владата ја цени поддршката од Европската комисија, но очекува евроинтегративниот процес да се темели на јасни правила, критериуми и исполнување на реформските обврски.
„Очекуваме интеграцијата во ЕУ да остане процес заснован на вредности и исполнување на обврските, а не процес оптоварен со билатерални прашања кои создаваат неизвесност и фрустрација кај граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека земјата останува посветена на реформската агенда, јакнењето на економијата, институциите и владеењето на правото.
„Важно е да постои доверба дека процесот ќе продолжи според истите правила што важат за сите кандидати. Нашата определба останува непроменета. Ќе продолжиме со реформите и ќе работиме на европската перспектива на државата“, порача премиерот.
Мицкоски додаде дека секое трајно решение во евроинтегративниот процес треба да биде засновано на взаемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна и предвидлива европска перспектива.


