НОВ ЗАКОН ЗА ИГРИ НА СРЕЌА – Премиерот најави построга регулација и забрана на агресивно рекламирање
Новиот закон треба да воспостави „ред и дисциплина“ во индустријата на игри на среќа.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека со новиот закон за игри на среќа се воведува ред и дисциплина во оваа дејност, нагласувајќи дека државата не смее да наликува на „Лас Вегас“. Тој смета дека со новите правила ќе се спречат прекумерното присуство и агресивното рекламирање на казината и објектите за коцкање.
Според него, во изминатиот период се создал впечаток дека ваквите објекти се наоѓаат на речиси секој чекор, често во непосредна близина на канцеларии за брзи кредити и заложувалници, што, како што вели, претставува систем кој може да доведе до сериозни семејни и социјални проблеми.
Мицкоски истакна дека новото законско решение ќе го ограничи рекламирањето и ќе ја промени сликата на градовите, со цел да се намали негативното влијание врз граѓаните. Тој додаде дека е свесен за можните економски последици, но смета дека регулирањето на оваа област е поважно.
Во одговор на критиките од Асоцијацијата на игри на среќа, премиерот одби тврдења дека законот е донесен нетранспарентно, наведувајќи дека во процесот биле вклучени сите засегнати страни.
Тој исто така изрази уверување дека нема да дојде до пораст на нелегални активности ниту до значително губење на работни места, нагласувајќи дека целта е воспоставување поголема контрола и поинаков изглед на урбаните средини во земјата.
