НОВ ЗАКОН ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО Построги критериуми и јавни дисциплински постапки
Законот предвидува построги критериуми за избор, оценување и дисциплинска одговорност на јавните обвинители

Со новиот Закон за јавно обвинителство се зајакнуваат критериумите за избор, оценување, дисциплинска одговорност и разрешување на јавните обвинители, со цел унапредување на владеењето на правото и исполнување на обврските од Реформската агенда, соопштија од Министерството за правда.
Оттаму информираат дека Венецијанската комисија дала високо мислење за Законот за Советот на јавни обвинители и за Законот за јавно обвинителство. Дел од препораките се однесуваат на уставни измени, меѓу кои и изборот на републичкиот јавен обвинител со двотретинско мнозинство. Од Министерството појаснуваат дека овие препораки во оваа фаза не можат да се имплементираат, бидејќи се уставно утврдени.
Законот за јавно обвинителство се очекува денеска да биде разгледан на седница на Владата, а до крајот на оваа или во текот на следната недела и од Советот на јавни обвинители. Со тоа ќе се исполни уште еден чекор од Реформската агенда во делот на владеењето на правото и фундаменталните вредности.
Од Министерството за правда нагласуваат дека станува збор за целосно нов закон со јасно дефинирана и транспарентна постапка за избор на републички јавен обвинител. Кандидатите ќе доставуваат биографии и програми за работа кои јавно ќе се објавуваат, а Советот на јавни обвинители ќе дава позитивно мислење за кандидатите што ги исполнуваат условите.
Со законските измени се предвидува редовно оценување на јавните обвинители на секои три години, наместо досегашните четири. Во случај на негативна оценка ќе следи вонредно оценување по една година, а повторна негативна оценка ќе претставува основ за разрешување.
Во делот на дисциплинската одговорност се воведува градација на дисциплински прекршоци – полесни, потешки и најтешки, при што само најтешките ќе бидат основ за разрешување. Дисциплинските постапки ќе бидат јавни и ќе се водат во две инстанци: првостепено пред Комисија и второстепено пред Советот на јавни обвинители.
Новина е и воведувањето основи за разрешување на претседателот на Советот на јавни обвинители. Во однос на финансиите, законот го задржува буџетот за јавното обвинителство на ниво од 0,4 отсто од државниот буџет, со механизам што треба да обезбеди оваа одредба реално да се применува.
Од Министерството најавуваат дека на платформата ЕНЕР ќе бидат објавени и законите за помилување, пробација, Академијата за судии и јавни обвинители, како и за здруженија и фондации.
Кај Законот за помилување се укинува можноста за аболиција, односно помилување пред правосилна судска одлука, додека со Законот за здруженија и фондации се предвидува задолжителна регистрација на здруженијата.


