НОВ ЗАКОН, НОВИ ИГРИ – Владата го усвои новиот закон за парнична постапка

Големи измени во парничната постапка со фокус на ефикасност и транспарентност.

НОВ ЗАКОН, НОВИ ИГРИ – Владата го усвои новиот закон за парнична постапка
Фото: Национал

Владата на денешната 160-та седница го утврди Предлог-законот за парнична постапка кој претставува сеопфатно реформско решение со кое се воведуваат значајни измени во функционирањето на граѓанските постапки.

Од Министерството за правда велат дека станува збор за системски закон кој има за цел да ја зголеми ефикасноста, транспарентноста и правната сигурност во судските процеси, во согласност со современите стандарди и реформската агенда на државата.

Меѓу клучните новини е воведувањето задолжително застапување од адвокат, како и можноста судот по службена должност да изведува вештачење и увид на лице место, со што се зајакнува неговата улога во утврдување на фактичката состојба.

Законот предвидува и значително унапредување на дигитализацијата, преку воведување електронска достава од двете страни, како и можност за одржување рочишта по електронски пат.

Дополнително, се уредуваат прашањата поврзани со споровите од мала вредност, со цел нивно побрзо решавање, а се намалуваат и паричните казни за учесниците во постапките за да се обезбеди поголема правичност и пропорционалност.

За првпат се воведуваат и претставнички тужби за заштита на колективните интереси на потрошувачите, што треба да овозможи поефикасен пристап до правда за поголеми групи граѓани и рационално користење на ресурсите.

Предлог-законот е резултат на двегодишна работа на експертска група, во која биле вклучени претставници од судството, академската заедница, стопанството и граѓанскиот сектор, како и широка јавна дебата со бројни коментари и предлози.

Со неговото донесување се реализира една од клучните обврски од Развојната стратегија за правосудството 2024-2028 и Програмата за работа на Владата за 2025 година.

Од Владата оценуваат дека ова законско решение претставува значаен чекор кон градење поефикасен, модерен и доверлив правосуден систем.

CATEGORIES
Share This