НОВ УДАР ЗА ГРАЃАНИТЕ Поскапеа билетите за меѓуградски автобуси

Повисоките цени ги погодија работниците и студентите, додека од Министерството велат дека нема законска основа за ограничување на цените.

НОВ УДАР ЗА ГРАЃАНИТЕ Поскапеа билетите за меѓуградски автобуси
Фото: Принтскрин

Цените на меѓуградскиот автобуски превоз во Северна Македонија повторно се зголемуваат, по поскапувањето на нафтените деривати, објави „Порталб“.

Најзабележително е поскапувањето на релацијата Тетово-Скопје, каде билетот во еден правец сега чини 250 денари, наместо досегашните 200 денари. Повратниот билет изнесува 500 денари.

Поскапување има и на релацијата Куманово-Скопје. Цената на билетот во еден правец е зголемена од 170 на 200 денари, додека повратниот билет чини 400 денари.

За граѓаните кои секојдневно патуваат до Скопје, повисоките цени претставуваат значителен дополнителен трошок. Работник од Тетово кој прима минимална плата од околу 26.000 денари, за 22 работни дена би издвојувал околу 11.000 денари месечно само за автобуски превоз, што е околу 42 отсто од неговата плата.

За патник од Куманово, месечниот трошок за секојдневен превоз би достигнал околу 8.800 денари, односно приближно 33 отсто од минималната плата.

Поскапувањето предизвикува незадоволство кај граѓаните, особено кај студентите и оние кои секојдневно патуваат во Скопје поради работа или образование.

Од Министерството за економија и труд посочуваат дека во услови на пазарна економија цените се формираат слободно на пазарот и дека во моментов нема законска основа за нивно ограничување.

Приватните автобуски превозници засега немаат дадено официјално објаснување за зголемувањето на цените.

CATEGORIES
Share This