НЕЗАВИСНИТЕ БАРААТ ИЗМЕНА НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК Сакаме независни листи со само 50 потписи
Иницијативата следува по неодамнешната одлука на Уставниот суд со која беа укинати делови од законот кои се однесуваа на кандидатурата на независните.

Претставници на независни граѓански иницијативи побараа измени на Изборниот законик со кои ќе се овозможи кандидатурата на независни листи на претстојните локални избори со само 50 потписи од граѓани. Иницијативата следува по неодамнешната одлука на Уставниот суд со која беа укинати делови од законот кои се однесуваа на кандидатурата на независните.
Јана Белчева од иницијативата „Шанса за Центар“ истакна дека укинувањето на членот што го подигна прагот за потписи на 1% создаде правна празнина, која мора итно да се надмине.
„Бараме јасни и праведни услови за кандидатура на следните локални избори. Со укинувањето на одредени членови, сега постои правна нејаснотија. Ние предлагаме кандидатурата да биде можно да се поднесе со 50 потписи“, изјави Белчева.
Поддршка за ваквиот предлог даде и Горјан Јовановски од „Зелен Хуман Град“, кој рече дека ваквиот пристап е во согласност со европските демократски стандарди.
„Во отсуство на конкретни критериуми, кандидатурата на независните листи треба да биде дозволена, а не блокирана. Проблемот е што сега сè зависи од тоа како ќе го толкуваат законот Собранието и ДИК. Постои реална опасност независните поднесоци да не бидат прифатени“, предупреди Јовановски.
Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“ оцени дека ваквата неизвесност претставува директно кршење на уставното право на граѓаните.
„Сè уште нема нова регулатива, а старите одредби не се во сила. Според кои критериуми ќе се прифаќаат независните кандидатури? Ова е уставно прашање, бидејќи правото на учество на избори е загарантирано со член 23 од Уставот“, изјави Арифи.
Одредени пратеници во Собранието изјавија дека сè уште не добиле официјално барање, поради што не можат да дадат конечен став.
„Кога ќе пристигне такво барање, ќе се консултираме како пратеничка група и ќе излеземе со став“, велат од Собранието.
Пратеникот Беким Сали од коалицијата ВРЕДИ изрази лична резерва кон предложениот праг од 50 потписи.
„Мислам дека тоа е премал број за кандидатура на локални избори. Сметам дека е разумно кандидатите да соберат најмалку 500 до 1.000 потписи“, рече Сали.
И од СДСМ информираа дека досега не добиле официјален предлог и најавија дека ќе го разгледаат доколку биде доставен.


