НЕВЕРОЈАТНИ ЦЕНИ ПО М² – Аеродром го руши рекордот во Скопје

Раст на вредноста на куќи и градежно земјиште, највисоки цени по квадратен метар и новоградби.

НЕВЕРОЈАТНИ ЦЕНИ ПО М² – Аеродром го руши рекордот во Скопје
Фото: Национал

Пазарот на недвижности во 2025 година остана стабилен, активен и привлечен за инвестиции, со јасна доминација на урбаните средини и позитивни економски трендови, покажува годишниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности.

Становите се најдоминантниот сегмент на пазарот, учествувајќи со 33% од вкупниот број купопродажби и 48% од вкупната вредност. Иако бројот на продадени станови опадна за 3,9%, нивната вкупна вредност порасна за 10,8%. Најактивни и најскапи општини се Центар, Аеродром и Карпош, со просечни цени од 1.692, 1.558 и 1.419 евра/м². Најскапиот продаден имот во 2025 година бил стан во Аеродром за 166.500 евра, куќа во Центар за 1.500.000 евра и деловен простор во Центар за 6.800.000 евра.

Во текот на годината се реализирани 33.381 трансакција, што претставува раст од 7,6% споредено со 2024 година. Од нив, 23.470 се купопродажби (раст од 4%), а 9.911 се закупи (раст од 17%). Вкупната финансиска вредност на пазарот изнесува 1,14 милијарда евра, при што најголем дел од трансакциите биле во четвртиот квартал со 314 милиони евра.

Земјоделското земјиште и шумите сочинуваат 31% од купопродажбите, додека градежното земјиште со 14% бележи пораст на вредноста од 36%. Куќите учествуваат со 13% од трансакциите, а нивната вредност се зголемила за 37%. Најмногу трансакции се регистрирани во Центар (2.414), Аеродром (1.963) и Карпош (1.791).

Највисоката цена за стан по м² е забележана во Аеродром 3.784 евра/м². Пазарот на новоградби е најдинамичен во скопските општини, со најголем раст на просечната цена во Центар (31%), додека во Охрид е забележан пад од 4%.

Пазарот на закупи бележи вкупна месечна вредност од 4 милиони евра. Најголемо учество имаат становите (35%) со раст на месечната закупнина од 15%, следат деловните простори (34%) со раст од 24%, што укажува на зголемена побарувачка за изнајмување.

Овој извештај претставува сеопфатна анализа на состојбите и трендовите на пазарот на недвижности во Република Македонија за 2025 година, базирана на официјални податоци од регистарот на цени и закупнини.

CATEGORIES
TAGS
Share This