НЕРЕШЕНО СО ДРАМАТИЧЕН ФИНИШ – Македонија и Португалија ги поделија бодовите

За пласман во следната фаза Македонија ќе се надева на убедлива победа над Романија и помош од Данска

НЕРЕШЕНО СО ДРАМАТИЧЕН ФИНИШ – Македонија и Португалија ги поделија бодовите
Фото: Принтскрин

Македонската ракометна репрезентација одигра нерешено 29:29 против Португалија во второто коло на Европското првенство, освојувајќи го првиот бод во групната фаза.

По првиот дел, македонските ракометари заостануваа со 13:15, а натпреварот беше дури 11 пати со нерешен резултат. Кон средината на полувремето, тимот играше шест минути со еден играч помалку поради три исклучувања, а Никола Маркоски доби црвен картон во 15. минута.

Португалија во неколку наврати нападот го реализираше со тактика „7 на 6“. Дополнителен предизвик беше повредата на Иван Џонов во 26. минута, чие учество во второто полувреме остана неизвесно.

Второто полувреме започна со предност за Португалија од 18:13, но по тајм-аутот на селекторот Кирил Лазаров, македонските ракометари ја намалија разликата на 20:22. Португалија повторно го зголеми водството, но нашите ракометари не се предадоа и постојано вршеа притисок, сè додека со голот на Серафимов во 55. минута не изедначија.

До крајот се играше гол за гол, а клучните моменти ги одбележа голманот Мартин Томовски, кој имаше две важни одбрани во последниот напад на противникот, за конечни 29:29. Штета што македонските ракометари не добија последен напад за можна победа.

Најефикасен на натпреварот беше Кузмановски со 15 голови.

За пласман во следната фаза, македонскиот тим ќе се надева на математички пресметки. Во првиот дуел загубивме од Данска со 24:36, што остава негативна разлика од 12 гола, додека Португалија има +6. Во последното коло, во вторник, противник ќе ни биде Романија. За второто место ќе биде потребна убедлива победа на Македонија и истовремено висока победа на Данска против Португалија.

CATEGORIES
Share This