НЕПРИФАТЛИВО СКАНДИРАЊЕ ВО КУМАНОВО – Мицкоски и Општината се оградуваат
Основното јавно обвинителство започна постапка за утврдување дали на настанот имало елементи на говор на омраза.

Премиерот Христијан Мицкоски денес остро го осуди навредливото и ксенофобично скандирање за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово. Тој изјави дека додека присуствувал на натпреварот не го забележал инцидентот, бидејќи, како што рече, се работело за мала група лица.
„Искрен да бидам, додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата. Упатувам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она што оваа Влада го поддржува. Сè друго ќе биде предмет на истрага и санкции, без разлика од која страна доаѓа“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека ксенофобичните пораки не наидоа на поддршка од останатите присутни во салата. „Уште еднаш, апсолутно го осудувам ксенофобичното и националистичко скандирање на неколкумина кои што не наидоа на поддршка од страна на ниту еден од присутните“, додаде Мицкоски.
Инцидентот се случи за време на официјалното отворање на реконструираната спортска сала во Куманово. Општината јавно се огради од скандирањата, нагласувајќи дека спортот треба да ги обединува граѓаните, а не да поттикнува нетрпеливост.
„Општина Куманово јавно ги осудува ваквите скандирања и се оградува од истите во својство на домаќин на настанот. Куманово било и ќе остане град на сите негови жители без разлика на етничката припадност“, се вели во соопштението од кабинетот на градоначалникот.
Од таму додаваат дека натпреварот поминал во позитивна атмосфера и претставувал ретко убав момент во македонскиот спорт.
„За жал, ден подоцна воочивме дека на натпреварот во еден момент од одредени поединци имаше скандирање на неприфатливи пароли со кои се подгрева етничка нетрпеливост во општина која се темели на мултиетнички вредности“, велат од Општината.
Недоличното скандирање веќе доби осуда и од страна на Кошаркарската федерација на Македонија, политички партии и јавноста. Основното јавно обвинителство започна постапка за утврдување дали на настанот имало елементи на говор на омраза.


