НЕПОТРЕБНИ СТЕНТИРАЊА И ОПЕРАЦИИ НА СРЦЕ Кедев бара јавно објавување на имињата на инволвираните доктори
Фондот и Министерството да ја завршат работата и да ја прекинат штетната пракса, вели кардиологот

Кардиологот Сашко Кедев оценува дека првичните наоди на интерната комисија при Министерството за здравство, според кои во 10 од 25 анализирани случаи била направена непотребна операција на срце или непотребно упатување на интервенција, претставуваат „само врв на сантата мраз“. Токму Кедев во август годинава прв го отвори ова прашање, по што беше формирана 15-члена комисија која на 14 ноември го објави прелиминарниот извештај.
Во телевизиско интервју Кедев беше запрашан дали по целосното завршување на работата на комисијата треба јавно да се објават имињата на вклучените болници и лекари.
„Да, сметам дека овој процес мора да добие завршница. Ако ја нема, ќе се создадат големи сомнежи во јавноста. Тоа е обврска на Министерството за здравство, кое го води овој процес, но и на Фондот за здравствено осигурување, кој ги плаќа овие интервенции. Клучно е да се повлече јасна линија и оваа пракса конечно да престане. Нема да постигнеме ништо ако трендот продолжи. За жал, и по сите најави сè уште ни доаѓаат пациенти за второ и трето мислење со несоодветни препораки – не секогаш за интервенции, туку често и за непотребни ‘превентивни’ прегледи.“
На прашањето дали се потребни санкции за оние што така постапувале, Кедев одговори:
„Дефинитивно. Таму каде што ќе се утврди дека е постапено спротивно на принципите на медицина базирана на докази и на основните етички стандарди, мора да има разврска.“
Запрашан дали лекарите кои биле дел од сомнителните случаи сè уште работат, тој рече:
„Колку што знам работат. Не можам со сигурност да кажам бидејќи не сум дел од комисијата, но сум индиректно вклучен во процесот, затоа што голем дел од мојата консултативна работа се состои во тоа да ги одвратам пациентите од непотребни снимања, помали, па дури и поголеми интервенции.“
Кедев нагласи дека ова не е нов проблем, но дека под притисок на јавноста сега конечно се преземаат чекори за расчистување.


