НЕОЧЕКУВАН ПРАВЕН ПРЕСВРТ Мадуро би можел да биде ослободен поради стар договор
Договор стар повеќе од еден век би можел да го промени текот на судскиот процес, додека правните експерти предупредуваат на можен пресврт што би отворил пат кон ослободување на Мадуро.

Претстојното судско рочиште против поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро, закажано за среда, 22 јули, во федералниот суд во САД, би можело да донесе неочекуван правен пресврт, па дури и да отвори можност за негово ослободување, сметаат правни експерти.
Иако американската администрација тврди дека операцијата во која пред шест месеци биле уапсени Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес претставувала легитимна „екстрадиција“, одбраната се повикува на билатерален договор меѓу САД и Венецуела од 1922 година. Договорот, кој во тоа време бил ратификуван од парламентите на двете држави, содржи клаузула со која се предвидува сите спорови поврзани со неговото толкување или спроведување да се решаваат преку независна меѓународна арбитража.
Според аргументите на одбраната, бидејќи венецуелската влада официјално ја оспорува законитоста на апсењето на Мадуро и тврди дека со операцијата е нарушено меѓународното право, американскиот суд би можел да биде обврзан да ги земе предвид одредбите од договорот.
Во таков случај, вршителот на должноста федерален судија Алвин Хелерштајн би можел да ја прекине постапката и спорот да го упати на независен арбитражен панел.
Доколку арбитражата утврди дека апсењето на Мадуро на територијата на Венецуела претставувало повреда на договорот од 1922 година и на принципите на државниот суверенитет, тоа би можело да има сериозни последици за понатамошниот судски процес и да отвори пат кон негово ослободување.
Правните експерти се повикуваат и на долгогодишната практика на Врховниот суд на САД, вклучително и пресудите во случаите „Раушер“ од 1886 година и „Алварез-Машен“ од 1992 година. Тие случаи се однесуваат на ограничувањата што произлегуваат од меѓународните договори и условите под кои едно лице е предадено на американските власти.
Арбитражата, според ова толкување, би морала да ги разгледа и конкретните околности на апсењето, како и правилата на меѓународното право што се однесуваат на суверенитетот на државите. Доколку американските власти ја заобиколат предвидената арбитражна постапка, експертите предупредуваат дека тоа би можело да го доведе во прашање меѓународниот легитимитет на целиот судски процес и да создаде долгорочни последици за американскиот правен систем.


